ПОВЕЌЕ

    КОРИДОРОТ 8 ПОВТОРНО ВО ФОКУСОТ: Македонија и Бугарија под притисок да го забрзаат железничкото поврзување

    Време зa читање: 5 минути

    Коридорот 8 денеска беше во центарот на Меѓународната министерска конференција во Софија, каде што претставници од земјите долж трасата, Европската Унија и НАТО разговараа за неговото стратешко, економско и безбедносно значење. Главната порака од форумот е дека проектот повеќе не треба да се гледа како збир од одделни патни и железнички делници, туку како единствен коридор што треба да ги поврзе Јадранот и Црното Море и да стане дел од пошироката европска транспортна, енергетска и безбедносна архитектура.

    Македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски учествуваше на панелот на високо ниво „Геостратешки контекст на Коридорот 8“. Според најавата на македонското МНР, во фокусот на неговото обраќање е целосната реализација на коридорот како заеднички стратешки интерес на земјите долж трасата и на поширокиот европски простор, во услови на зголемено значење на воената мобилност, енергетската сигурност и регионалната трговија. „Во време на геополитички и економски предизвици, потребни ни се конкретни резултати, усогласена динамика и видлив напредок по целата траса. Нашите граѓани и европските партнери ќе го оценуваат Коридорот 8 според инфраструктурата што навистина ќе ја изградиме. Ја потврдив нашата решеност да го исполниме својот дел од обврските и, заедно со Бугарија, Албанија и европските партнери, да ја забрзаме реализацијата на Коридорот 8. Поврзаноста значи поголема безбедност, отпорност и економски развој за целиот регион“, објави тој на својот профил на Фејсбук по конференцијата.

    Муцунски и претходно ја поставуваше истата теза: дека Коридорот 8 не е само инфраструктурен проект, туку има и политичко-безбедносна и економска тежина, и дека е пример за област во која Северна Македонија и Бугарија можат конкретно да соработуваат. Во февруари тој порача дека токму Коридорот 8 покажува дека „кога сакаме, можеме да соработуваме“.

    На маргините на денешниот форум е предвидена и билатерална средба на Муцунски со бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова, како и средба со еврокомесарката за проширување Марта Кос.

    „Коридорот 8 е стратешки проект за нас. Тој е приоритет со години, но не секогаш се работи на него со доволно ниво на активност што е потребно. Состанокот е можност да се одржи политичкиот моментум, да се види до каде се стигнати релевантните проекти и делови од него и да се престане да се размислува само за мали проекти, туку како за еден голем коридор што треба да се заврши“, изјави министерката Петрова пред почетокот на Конференцијата

    „Кога овој коридор ќе стигне до Бугарија, треба да почне да нè поврзува со остатокот од Европа и Западен Балкан. Коридорот 8 е токму оваа врска што можеме да ја имаме со земјите од Западен Балкан“, рече Петрова. Таа нагласи дека Коридорот 8 има потенцијал истовремено за железничка поврзаност, енергетска поврзаност и воена мобилност, а според неа се работи на тоа роковите да бидат испочитувани до околу 2032 година. Петрова истакна и дека од бугарска страна постои политичка волја проектот да се забрза.

    Пред конференцијата таа го поврза Коридорот 8 и со пошироките европски транспортни правци, велејќи дека Бугарија треба да биде точката преку која таканаречениот Среден коридор ќе продолжи кон Европа и Западен Балкан. „Коридорот 8 е токму таа врска“, рече Петрова.

    Во пресрет на денешната средба со Муцунски, Петрова рече и дека очекува од Скопје да чуе „желба за напредок“, особено ако разговорите се однесуваат на европската интеграција на Северна Македонија.

    Еврокомесарката за проширување Марта Кос го постави Коридорот 8 во уште поширок геополитички контекст.

    „Работиме за подобри врски меѓу луѓето на иднината. Бугарија е врата кон Европа за Црноморскиот регион, како и за Турција. Западен Балкан тука има многу важна поврзувачка улога“, порача Кос на конференцијата.

    Според неа, поврзаноста меѓу Бугарија, Црното Море, Турција и Западен Балкан мора да се гледа како дел од еден поширок европски систем, а не само како билатерални патни и железнички врски.

    Кос потсети и дека Европската Унија веќе поддржува повеќе од 130 инфраструктурни проекти во Западен Балкан, а новата европска политика за поврзување треба уште повеќе да ги спои транспортните, енергетските, дигиталните и трговските правци.

    Таа и претходно ја опиша Бугарија како „европска порта за поврзување“, особено во контекст на Средниот коридор и врската меѓу Црното Море, Западен Балкан и внатрешноста на ЕУ.

    Темите на денешната конференција не беа само патишта и железници. Официјалната програма опфаќаше три главни области: регионална стабилност и евроатлантска интеграција, транспортна и енергетска поврзаност и енергетска безбедност и економски раст.

    Во услови на војната во Украина и зголемената улога на НАТО во регионот, Коридорот 8 сè почесто се разгледува и како правец за воена мобилност – инфраструктура преку која во случај на криза би можеле побрзо да се движат луѓе, опрема и ресурси од Јадранот кон Црното Море.

    Токму поради тоа на форумот присуствуваа и претставници на НАТО, САД, Обединетото Кралство и Украина, покрај земјите долж трасата.

    За Северна Македонија најважниот незавршен дел останува железничката врска кон Бугарија.

    Во август беа потпишани договорите за финансирање на третата фаза од пругата кон Бугарија, односно делницата Крива Паланка – Деве Баир, долга 22 километри.

    Дополнителен чекор е меѓувладиниот договор за заедничка изградба на прекуграничниот железнички тунел, кој треба физички да ги спои двете железнички мрежи. Софија и Скопје претходно се согласија дека токму овој дел е клучен за целосното функционирање на Коридорот 8.

    (Фото: скриншот од официјалниот Фејсбук профил на министерот Муцунски)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично