ПОВЕЌЕ

    Виница со инвестиции во патна инфраструктура, јавни објекти и локални услуги

    Време зa читање: 3 минути

    Општина Виница во изминатите десет месеци реализирала и започнала повеќе инфраструктурни, комунални и јавни проекти, со средства обезбедени од општинскиот буџет, ресорните министерства, Светска банка, Европската Унија и Владата на Германија, се наведува во соопштението на градоначалникот за првата година од мандатот.

    Најголем дел од активностите се однесуваат на патната и комуналната инфраструктура. За реконструкција на улиците „Пролетерска“, „Ѓорче Петров“, „Кочо Рацин“ и „Раде Кратовче“ – блок 8 биле обезбедени 12,2 милиони денари од Министерството за транспорт.

    За реконструкција на водоводната и канализациската мрежа и целосна реконструкција на улицата „Ванчо Прке“, која ја поврзува Виница со населбата и селото Градец, биле инвестирани 11,5 милиони денари, обезбедени од Министерството за животна средина и Министерството за транспорт.

    Во истиот период била извршена целосна реконструкција на улицата „Страшо Пинџур“ со паркинзите, како и изградба на улици во селата Црн Камен и Јакимово. Вредноста на овие проекти изнесува 24 милиони денари, обезбедени преку Министерството за транспорт со заем од Светска банка.

    Дополнително, за улици во Јакимово, Градец и Блатец биле инвестирани уште 12,5 милиони денари, додека за поплочување улици и паркинг-простори во Истибања, Градец и Виница биле потрошени 5,7 милиони денари од општинскиот буџет.

    Еден од поголемите инфраструктурни зафати е реконструкцијата на локалниот пат Блатец – Детлово, во должина од 2,5 километри, вредна 25,5 милиони денари. Средствата се обезбедени од Министерството за транспорт, со учество и на Општина Виница.

    За рехабилитација на улици и санација на ударни дупки Општината потрошила 1,5 милиони денари, додека за експропријација, пробивање и тампонирање на делови од улиците „Пере Тошев“ и „Вера Ацева“ биле издвоени 4 милиони денари.

    Во Истибања е завршен и проектот за регулација на Кајанечки дол, во должина од околу 870 метри, во чии рамки се изградени два патнички и три пешачки мостови. Вредноста на проектот е 19,5 милиони денари, обезбедени од Министерството за животна средина и просторно планирање.

    Меѓу позначајните вложувања во јавни објекти е и завршувањето на затворениот градски пазар, за чија изградба од Буџетот на Општина Виница биле издвоени 24 милиони денари. За партерното уредување околу пазарот дополнително биле потрошени 8,5 милиони денари, од кои седум милиони од Министерството за транспорт, а 1,5 милиони од општинскиот буџет.

    Со шест милиони денари е реконструиран кровот на административната зграда на Општината и се поставени инвертер-клими во „Сината сала“ при Домот на културата „Тошо Арсов“.

    Ист износ – шест милиони денари, бил инвестиран и во реконструкцијата на азбестниот кров и замената на плафоните во ООУ „Никола Парапунов“ во Драгобраште, со средства од Министерството за образование и наука.

    Во делот на енергетската ефикасност и јавната инфраструктура, градскиот парк и паркингот пред стадионот добиле сензорно осветлување во вредност од 2,8 милиони денари, а заменети биле и 300 постојни светилки со ЛЕД-светилки.

    На градскиот плоштад „Ангел Винички“ е овозможен и бесплатен Wi-Fi, преку проект финансиран од Европската Унија и Владата на Сојузна Република Германија.

    Општината вовела и финансиска поддршка од 6.000 денари за секое новороденче, додека поддршката за првоодделенците е зголемена од 3.000 на 5.000 денари. Зголемени се и наградите за ученици и ментори за освоени места на државни натпревари.

    Според соопштението, во наредниот период се планира продолжување на реализацијата на инфраструктурни и други локални проекти.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично