ПОВЕЌЕ

    Мукаетов: Излегувањето на берза не е крај на светот, туку добра можност

    Време зa читање: 6 минути

    Од компанија со силна домашна позиција до регионално препознатлив фармацевтски бренд, „Алкалоид“ во изминатите две децении помина низ период на значајна трансформација. Следната фаза, според генералниот директор и претседател на Управниот одбор, Живко Мукаетов, треба да донесе уште посилно меѓународно присуство, проширување на истражувачко-развојните капацитети и отворање нови пазари, а во план е продор и во Јужна Америка.

    Во разговорот со извршниот директор на Македонска берза во рамките на 25. годишна конференција на Македонската берза, Мукаетов зборуваше за одлуките што го одредиле развојот на компанијата, за предизвиците со кои се соочува фармацевтската индустрија, очекувањата за тековната година и за плановите со кои „Алкалоид“ сака да го продолжи растот.

    „Имаме доста предизвици што треба да ги надминеме. Сепак, кога сè ќе се земе предвид, јас сум задоволен и очекуваме годината да ја завршиме некаде во рамките на планираната продажба. Тоа би требало да биде меѓу 355 и 360 милиони евра, наведе Мукаетов.

    Фармацевтската компанија има деветдецениска историја. Мукаетов е во „Алкалоид“ од 1999 година, почетоците се во маркетингот, а во 2006 година бил назначен за генерален директор и една година подоцна за претседател на Управниот одбор. Вели дека презел веќе воспоставен систем, но новиот менаџмент внел и сопствен начин на работа:

    „Од денешна перспектива сметам дека беше многу мудро што направивме една навистина здрава комбинација на искуство и младост. Имавме искусни луѓе со квалитети и вредности со кои заедно градевме, а од друга страна, особено во продажбата, внесовме нова енергија и луѓе кои доаѓаа и од други фармацевтски и успешни компании во Македонија. Сметам дека тој микс, без некои длабоки резови, даде резултат“.

    Мукаетов се наврати и на периодот кога компанијата морала да избере во кој правец ќе го развива фармацевтското портфолио. Во моментот кога една од опциите изгледала комерцијално многу поголема и поатрактивна, „Алкалоид“ избрал друг пат – врз основа на знаењето и производните способности што ги имал. Таа одлука, вели, денес се покажува како една од клучните.

    Меѓу клучните потези го вброи и воведувањето на SAP во 2007 година, иако тогаш имало и предупредувања дека толку сложена имплементација може да го наруши работењето:

    „Таа имплементација ја смени културата на компанијата. Тоа е систем кој е прилично ригиден и не ви дава многу можности доколку културолошки не се приспособите и не го доработите на вистински начин“.

    Посебно место во развојот на компанијата, според Мукаетов, имал и почетокот на продажбата на фармацевтски производи на пазарот на Европската Унија. Компанијата избрала да соработува со британска агенција, која практично станала ментор во процесот:

    „Благодарение на нивното менторство, тогаш Велика Британија беше дел од Европската Унија, успеавме да го добиеме првиот производ регистриран во ЕУ, денес имаме околу илјада. Во меѓувреме отворивме наменска компанија во Љубљана која работи исклучиво за операциите во Европската Унија“.

    Како компанија со повеќе од 6.000 акционери, „Алкалоид“ функционира под постојано внимание на инвеститорската и пошироката јавност. Мукаетов вели дека тоа носи поголема одговорност, но во исто време создава дисциплина во управувањето:

    „Јавноста значи поголема одговорност, во секој случај. Тука е корпоративното управување, одлуките не ги носи еден човек, туку тоа е тимска активност на одговорни менаџери“.

    Според него, таквиот модел го насочува менаџментот кон подолгорочни цели:

    „За нас лично тоа е од голема корист, затоа што размислуваме долгорочно. Не трчаме по некакви краткорочни резултати, туку гледаме стратегиски каде е компанијата и како треба да се позиционираме“.

    Во разговорот беше отворено и прашањето зошто македонските компании традиционално повеќе се потпираат на банкарско финансирање отколку на пазарот на капитал. Мукаетов смета дека домашните компании треба повеќе да се охрабруваат кон берзанско финансирање:

    „Има култура на позајмување средства од банките, тие се првата опција за обезбедување средства. Има и култура кај сопствениците дека сакаат сè да имаат под контрола. Но, мислам дека треба да се најде начин да се охрабрат“.

    Според него, излегувањето на Берза може да донесе и подобро корпоративно управување.

    „Мислам дека тоа би било за доброто на компаниите, дека ќе го подигне нивото на квалитетно корпоративно управување и ќе им даде пристап до многу поголема јавност и многу повеќе можности за обезбедување средства“.

    Пресудно, смета Мукаетов, е да се појават успешни примери:

    „Сите чинители треба да поработат на тоа. Ако тргне еден добар пример, веројатно ќе повлече и други. Кога секоја година на Берза доаѓаат нови компании, тоа ги охрабрува и другите дека тоа е добра можност, а не нешто што е крај на светот“.

    За „Алкалоид“, пак, следна станица е Варшава, а потоа Узбекистан и Чешка. Интернационализацијата останува еден од главните столбови во стратегијата на компанијата.

    „Веќе сме во подготовки за отворање нова компанија, подружница во Варшава, и се надеваме дека до крајот на годината ќе ја отвориме. Следниот таргет е Узбекистан, Чешка, сакаме да видиме дали би можеле нешто да направиме и во Јужна Америка и во некои земји од Северна Африка. Различно е кога сте со свој тим присутни на некој пазар, а сосема различно кога чекате партнер да ја заврши работата за вас“, нагласи Мукаетов.

    Еден од најважните стратешки приоритети е натамошното зголемување на капацитетите за истражување и развој. Мукаетов вели дека компанијата работи со петгодишни стратегиски планови и постојано го зголемува бројот на новоразвиени производи. Но, веќе се појавуваат ограничувања во поглед на бројот на научници што може да ги обезбеди домашниот пазар на труд. Оттука, во игра се и решенија што досега не биле вообичаени за македонските компании:

    „Сега сме пред дилема колку можеме да извлечеме од тоа што Македонија го нуди, а дали во некоја идна фаза не треба да донесеме истражувачи од Азија за да го засилат нашиот тим тука, или евентуално да бараме некоја варијанта за институт надвор“.

    За Мукаетов, без постојано создавање нови производи нема одржлива конкурентност:

    „Доколку немате истражување и развој, немате нови конкурентни производи и објективно нема да можете долгорочно да бидете конкурентни“.

    Р.П.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично