Без берзанско тргување 5.208 акции минатата недела добиле нов сопственик. Реализирани се девет нетрговски трансфери, безмалку сите акции се обични, а издадени се од осум акционерски друштва.
Најголемиот дел се акции на Гранит. Во две трансакции опфатени се 4.699 обични акции: 740 се подарени или наследени во средата, а наредниот ден се трансферирани 3.959 акции. Просечната цена на градежната акција е 1.500 денари, па оттаму вкупната вредност на трансферите е над 7 милиони денари или повеќе од 114 илјади евра.
Статистиката на Централниот депозитар за хартии од вредност забележала два трансфери со по неколку стотини акции. Сопственоста е сменета кај 274 обични акции на Македонски телеком, чијашто просечна цена е 499,9 денари. Со знакот на Фустеларко Борец АД Битола се 152 обични акции. Според берзанските податоци, имаат единечна цена од 2.700 денари, а во изминатите 52 недели се извршени 8 тргувања, од кои последните две датираат од мај.
Останатите трансфери се со помал број акции. Пренос е направен на 20 акции на Алкалоид. Фармацевтската акција има просечна цена од 22.867,90 денари. Нов сопственик имаат и 18 акции на Макпетрол, а нивната просечна вредност е 107.000 денари. Вабтек МЗТ АД Скопје е застапен со 15 обични акции. Просечната цена е 3.133 денари, а со овие акции на берзата немало ниту едно тргување во последните 52 седмици.
Неделната статистика бележи два преноса на банкарски акции. Триесет и пет се приоритетни, издадени се од Стопанска банка Скопје и имаат просечна цена од 749 денари; 13 обични акции се на Комерцијална банка, а нивниот просек е 25.470,35 денари, произлезен од тргувањето на 11 септември.
Аналитика








