ПОВЕЌЕ

    „Под површината“ на геодетскиот бизнис: Просекот од 28.700 денари крие и повисоки плати

    Време зa читање: 4 минути

    Од мерење и утврдување граници до подготовка на податоци за катастар и проектирање – геодетите работат „под површината“ на многу проекти што секојдневно ги гледаме и нѐ опкружуваат. Но, каква се можностите за работа и дали заработката се мери по линиите во или надвор од македонскиот просек?

    Генералната слика ја даваат 116 геодетски компании, здружени во Комората на трговци поединци, овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи. Во 2025 година имале 423 вработени, само двајца повеќе од претходната година. Просечната плата се зголемила од 27.013 на 28.719 денари, односно за 6,32 насто. Просекот се темели на месечни примања од над 20 до над 50 илјади денари.

    Најголемите работодавачи и највисоките плати се во фокусот на анализата на Пари, изработена со податоците од Бизнис Мрежа.

    Извор: Бизнис Мрежа

    НАЈГОЛЕМИТЕ ФИРМИ ИМААТ ПО 15 ВРАБОТЕНИ

    Геодетскиот бизнис е составен главно од помали компании. Меѓу десетте најголеми работодавачи нема фирма со десетици или стотици вработени. Кај нив работа има за 98 лица. Речиси третина од таа работна сила се лоцира кај Геофото Зенит инженеринг од Скопје и Гео Балкан од Битола, со по 15 вработени.

    Уште две битолски фирми се на топ листата – Интер Гео Гроуп и Гео Ленд, со по 10 вработени. Исто толку луѓе се ангажирани во Геоплан-ЈФ од Тетово.

    Кај шест компании нема промени во бројната состојба. Најголемиот годишен раст од 66,67 насто е регистриран во Интер Гео Гроуп, каде што лани се реализирале четири нови вработувања.

    Фирмите функционираат со по неколкумина вработени, што веројатно соодветствува со обемот на деловните активности, а само кај две се случило осипување – од Геоплан-ЈФ заминало едно, а од Кат Плус две лица.

    Кај најголемите работодавачи платите се движат од 20.618 денари (+ 1,87 %) во Кат Плус од Кичево до 48.182 денари (+ 25,44 %) во скопски ГЕО Поинт. Всушност, во седум од ове фирми просекот има основа од 20 илјади денари. Нивото е повисоко во скопските Гео – Кат инженеринг и Геофото Зенит инженеринг, каде што ланските просечни примања изнесувале 35.371, односно 39.293 денари.

    Извор: Бизнис Мрежа

    НАД 50 ИЛЈАДИ ДЕНАРИ ПЛАТА ЗА ЧЕТВОРИЦА ГЕОДЕТИ

    Повеќето претходни секторски анализи што ги направи Пари покажаа дека највисоките приходи и профит автоматски не повлекуваат и највисоки плати. Тоа се повторува и во случајот на геодетите. На топ 10 листата според највисока плата, има само две компании кои се рангирани меѓу најголемите во тие сегменти. Тоа се Гео Поинт и Гео Сурвеј Џила. Исто така, и овде се потврди сознанието – помалку вработени, поголеми месечни примања.

    Највисоката просечна плата меѓу геодетските компании ја има Геометар Про.Инг од Свети Николе – 50.953 денари. Фирмата ангажира четворица вработени, а платата на годишно ниво е зголемена за 7,05 насто.

    Мереле, пресметувале и мапирале 10,7 милиони приход и 2 милиони евра добивка

    Второто место го зазема Гео-Парт инженеринг од Скопје со 48.570 денари, просек што опфаќа двајца вработени. Следи ГЕО Поинт со деветмина вработени и просечна плата од 48.182 денари. Кај оваа компанија платите пораснале за 25,44 насто. Речиси исто е движењето кај Пркат, со 47.139 денари и раст од 25,18 насто, додека Тумба Геоарт има просек од 45.865 денари.

    Најголемиот скок, пак, е реализиран во Геопроект Плус инженеринг. Просечната плата од 28.454 денари во 2024 година се искачила на 44.904 денари, што е раст од 57,81 насто. Фирмата има четворица вработени.

    Во горниот дел на листата се и Гео АД инженеринг со 44.200 денари, Геополарис со 42.965, Гео Сурвеј Џила со 42.256 и Алфа-Геодет со 40.333 денари.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Кога ќе се каже геодет, на обичниотт човек прво му паѓа на памет човек со опрема што мери улици. Но, зад тој поим има многу повеќе работа. А, дали трудот е исплатлив и добро платен, зависи од аголот на мерење и перцепција.

    Маја Анастасова

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично