Опрема вредна 145,2 милиони денари или околу 2,3 милиони евра со години не е евидентирана во деловните книги на Бирото за метрологија, а мобилната лабораторија за контрола на квалитетот на нафтата и нафтените деривати, во која се вложени над 62 милиони денари, во текот на 2024 година не извршила ниту една анализа. Ова се дел од наодите на Државниот завод за ревизија, кој поради утврдените неправилности изразил неповолно мислење за финансиските извештаи и усогласеноста на работењето на Бирото.
„Констатирани се состојби, неправилности и неусогласености во работењето на Бирото и поради нивното значење изразено е неповолно мислење за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеност со законската регулатива, упатства и воспоставените политики“, велат од ДЗР.
Причината поради која опремата од 145,2 милиони денари не е заведена е неизвршеното примопредавање со Министерството за економија и труд. Кај основните средства ревизорите утврдиле и разлика од 5,5 милиони денари меѓу сметководствената и фактичката состојба.
„Со извршената ревизија утврдени се слабости во спроведувањето на пописот на средствата, побарувањата и обврските со состојба на 31.12.2024 година, поради што не е обезбедено усогласување на сметководствената евиденција со фактичката состојба утврдена со попис. Констатирано е дека дел од средствата во вредност од 145.191 илјади денари, односно околу 2.3 милиони eвра, набавени во претходни години, сè уште не се евидентирани во деловните книги и Билансот на состојба на Бирото поради неизвршено примопредавање со Министерството за економија и труд, како и утврдени разлики меѓу сметководствената состојба и состојбата утврдена со попис кај основните средства во износ од 5.544 илјади денари“.
Бирото во 2019 година набавило мобилна лабораторија за 37,4 милиони денари, а во 2021 година дополнителна опрема за 24,8 милиони денари. Но, во текот на 2024 година преку лабораторијата не била направена ниту една анализа.
„Ревизијата укажа и на неефикасно користење на опремата набавена за испитување на квалитетот на течните горива. Имено, Бирото во 2019 година, по одлука на Влада, набавило мобилна лабораторија за испитување на квалитетот на нафта и нафтени деривати во износ од 37.367 илјади денари, а во 2021 година дополнително е набавена опрема во износ од 24.758 илјади денари. И покрај значајната вредност на вложените средства, во текот на 2024 година преку мобилната лабораторија не се вршени анализи, бидејќи не биле доставени барања од надлежниот Државен пазарен инспекторат со кој Бирото има склучено договор за користење на лабораторијата“.
Исто така, во 2024 година Бирото набавило пломби, жигови, жиг-налепници и записници за 4,3 милиони денари, но за нив не воспоставило сметководствена и материјална евиденција. Овие материјали се користат при верификација на мерните инструменти, од која Бирото остварило приходи од 122,4 милиони денари во 2024 година.
При ревијата се констатирани неправилности и кај наплатата. Од вкупно фактурираните услуги за верификација во 2024 година, во вредност од 183 милиони денари, дури 82,1 милиони денари, или околу 1,3 милиони евра, се однесувале на барања поднесени од 2018 до 2023 година. Ревизорите оценуваат дека тоа „укажува на значително доцнење во процесот на фактурирање“.
Освен тоа, од вкупните побарувања од купувачи од 40,5 милиони денари, кај дел од комитентите се појавиле негативни салда од 11,7 милиони денари, поради што побарувањата не се реално прикажани во финансиските извештаи.
Проблем има и со приходите што Бирото треба да ги добива од овластените правни лица. Тие треба да му уплатат 20 отсто од вредноста на извршените услуги но, според ДЗР, уплатите се реализираат со задоцнување од шест до девет месеци.
„Тоа создава ризик од ненавремена и нецелосна наплата на приходите“, предупредува ревизијата.
По извршената ревизија, Државниот завод за ревизија дал повеќе препораки за надминување на утврдените слабости.
Аналитика








