ПОВЕЌЕ

    Либерти со поголемо производство, но турскиот и кинескиот челик се опасна конкуренција

    Време зa читање: 3 минути

    Знаци на закрепнување на производството поттикнато од растот на побарувачката и продажните цени има кај Либерти АД Скопје. Во првото годинешно полугодие е забележано извесно зголемување на приходите. Од компанијата велат дека веќе се обезбедени значајни нови нарачки, кои создаваат посигурна перспектива за наредниот период, иако предупредуваат дека агресивната конкуренција од Турција, Кина и другите азиски производители останува најголемиот предизвик.

    Вкупните приходи од продажба достигнале 1,985 милијарди денари, што е благо зголемување во однос на 1,957 милијарди денари во истиот период лани. Притоа, приходите од домашниот пазар пораснале за околу 24,4 насто, од 352,4 милиони на 438,4 милиони денари. Извозните приходи се намалиле од 1,605 милијарди на 1,546 милијарди денари.

    Од Либерти наведуваат дека вториот квартал донел позитивен пресврт, бидејќи се зголемиле и побарувачката и продажните цени, што овозможило склучување договори за поголеми количини производство во наредниот период.

    „Веќе во јуни реализиравме производство од 9.000 тони, што е за 3.000 тони повеќе од просекот во претходниот период. Иако јули и август традиционално се послаби месеци поради годишните одмори, целта е ова ниво на производство да се задржи и во следните квартали“, велат од компанијата.

    Сепак, од Либерти предупредуваат дека состојбата на пазарот и натаму е неизвесна:

    „Конкуренцијата од Турција, Кина и земјите од Далечниот Исток агресивно настапува на Балканот, каде што постојат минимални или воопшто нема бариери за увоз на челични производи. Овие движења внимателно ги следиме и реагираме во рамките на можностите што ги дозволува индустријата“.

    Поголемиот обем на производство, заедно со растот на цените на репроматеријалите и енергенсите, ги зголемиле и трошоците на компанијата – од 2,129 милијарди на 2,292 милијарди денари.

    И покрај тоа, во Либерти успеале значително да ја намалат загубата преку промена на производниот процес. Наместо претходниот репроматеријал, сега се користи ладно валан челик, што ги намалува трошоците по единица производ и овозможува повисок квалитет, подобра организација на производството и оптимизација на работната сила.

    Либерти продолжува и со инвестициите во модернизација на производството, а фокусот  останува и на зелената транзиција.

    Воедно, од Либерти предупредуваат дека од 1 јули Македонија повторно е опфатена со системот на квоти на ЕУ за увоз на челик. Иако ова дополнително ја усложнува состојбата во челичната индустрија, од компанијата велат дека навреме ги приспособиле производствените планови и ќе продолжат да бараат начини за одржување на производството и конкурентноста.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично