ПОВЕЌЕ

    МАКЕДОНСКИОТ РУБИН ОД ЗАШТИТА ОДИ КОН ПРОМОЦИЈА: Ќе се отвора Центар за геонаследство

    Време зa читање: 2 минути

    Македонскиот рубин веќе нема да се третира само како минерал што треба да се заштити, туку и како природен симбол што треба да се претстави пред домашната и меѓународната јавност. По воспоставувањето институционална заштита, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини најавува нова фаза – промоција на рубинот, но и на целокупното геолошко и палеонтолошко наследство на Македонија.

    Министерката Сања Божиновска и претседателот на Здружението за промоција на природните науки „Откритие“, Илија Петковски, потпишаа Меморандум за соработка со кој треба да се поврзат институционалните, научните и стручните капацитети за заштита, валоризација и промоција на минералното богатство на државата.

    Соработката предвидува организирање изложби, јавни предавања, научно-популарни настани, работилници, едукативни програми и тематски поставки. Планирано е и воспоставување партнерства со домашни и странски музеи, универзитети и научни институции.

    Еден од главните резултати од партнерството треба да биде отворање Центар за промоција на геонаследството во просториите на Министерството. Центарот е замислен како постојан изложбен и едукативен простор во кој ќе бидат претставени минерали, кристали, фосили и други геолошки експонати.

    Неговата улога ќе биде да ги поврзе институциите, науката и стручната јавност, но и да ја доближи геологијата до граѓаните. Преку изложбите и едукативните содржини треба да се поттикне интересот кај младите за природните науки и да се создадат услови за развој на геотуризмот.

    „Македонија поседува исклучително богато геолошко наследство кое со децении било недоволно промовирано. Нашата цел е тоа богатство да стане достапно за јавноста, да ја развиваме научната свест и да покажеме дека природните ресурси се дел од нашиот национален идентитет и развоен потенцијал“, изјави Божиновска.

    Според неа, македонскиот рубин е еден од најпрепознатливите симболи на тоа наследство и заслужува посоодветна промоција надвор од границите на земјата.

    На потпишувањето присуствуваше и Деан Шкартов, познавач и промотор на македонскиот рубин и долгогодишен соработник на здружението „Откритие“. Неговата минералошка колекција, како што беше посочено, има значајна улога во афирмацијата на македонското геолошко богатство во земјата и во странство.

    Со иницијативата, Министерството сака природните ресурси да ги претстави не само како економски потенцијал, туку и како дел од националното наследство што треба да се истражува, заштитува и пренесува на идните генерации.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично