
Празникот Илинден традиционално го полни Охрид до последно место. На самиот ден, како и во деновите пред и по празникот се случуваат бројни концерти, а и водата е топла за капење, па „македонскиот бисер“ е преплавен од гости.
Овојпат, Илинден е во недела, па ни претстои еден убав празничен викенд. Но, потргата на Пари по сместувачки капацитети во Охрид покажа дека е вистинска реткост да се најде сместување за двајца по цена од 50 евра дневно.
Свртевме повеќе телефонски броеви, ги разгледавме огласите по локалните огласници, побаравме на интернационалните платформи. За волја на вистината, пронајдовме едно сместување за 40 евра на ден, а и пет од педесетина евра на ден. Еден закуподавец ни понуди стан по 60 евра за ноќ, а еден за 100 евра, но напомена дека е поголем и таму може да се сместат и четворица. На Букинг платформата пронајдовме шест сместувања меѓу 60 и 70 евра по ноќ за двајца во тој период. Потоа уследи подолга листа, но со цени од кои боли глава! Па така, пронајдовме и сместување од 500 евра за празничниот викенд, или 250 евра дневно за двајца! Патем, сместувањето ниту има базен, ниту вклучен појадок. Но затоа, како што е нагласено, во истиот објект има казино и фризер.
Потрагата по капацитети на самата карта на охридското крајбрежје покажува дека веќе најголем дел од сместувачките капацитети за илинденскиот викенд се распродадени. Веројатно, тие со „брзи прсти“ успеале да резервираат и нешто поевтино во претходниот период, од сегашаната понуда.
За оние кои сакаат и можат да си доволат хотелско сместување, ја разгледваме и таа опција. За илинденскиот викенд ноќевање во Белви е 110 евра, во Витори е 79 евра, во Су – 97 евра за ноќ за двајца и секаде следува појадок.
Во хотел Тино, во населбата Свети Стефан, за Илинден нема празно место, а во деновите пред и потоа цените се движат од 115 до 130 евра по ноќ за двајца.
За Илинден може да се престојува во хотелот со 5 ѕвездички, Инекс Горица, но двата дена за двајца чинат 508 евра! Или, ако полесно може да се „сварат“ големиве бројки – по над 250 евра дневно.
Уште поскап е хотел Лаго. Во најпосакуваните илинденски термини, две лица за две ноќевања ќе платат 583 евра. Хотелот располага со приватна плажа, велнес и спа центар и базен. Сместувањето, пак, е во соби со површина од 30 квадратни метри.
Традиционално, за Илинден во Охрид се одржуваат голем број концерти. Музичкото доживување зачинето со дневната езерска шема и капење привлекува бројни гости, домашни и од странство.
Годинава, на 31 јули, на стадионот Билјанини Извори заеднички концерт ќе имаат Ацо Пејовиќ, Наташа Беквалац и Саша Матиќ. На 1 август, исто на Билјанини Извори, заеднички концерт ќе имаат Рита Ора, Сенидах и Два бона. Истото место, наредниот ден – за Илинден, на 2 август е резервирано за Слаткаристика.
Во духот на забавата и угостителите тријат раце. Нивните очекувања се дека празничниот период ќе донесе зголемен промет во рестораните, кафулињата и локалите покрај езерото. Оние со кои разговаравме велат дека нема посебно да ги зголемат цените за тие денови. Но, што ќе се случи, за тоа ќе сведочат гостите.
Минатата година, во Македонија имало 1.336.597 туристи. Во јули 209.932, а во август 226.179. Притоа, езерскиот туризам лани во јули привлекол 126.957 туристи – 76.948 домашни и 50.009 странски, а тие заедно оствариле 609.934 ноќевања. Во август, пак, езерскиот туризам донел 143.297 гости – 94.804 домашни и 48.483 странски, кои заедно оствариле 110.367 ноќевања.
Редакција Пари
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








