Со стратешка локација, пристап до европските пазари, модерни индустриски зони и поддршка за странските инвеститори, Македонија се обидува да привлече нов бран турски инвестиции. Токму тие предности се во фокусот на бизнис-форумот Македонија – Турција што се одржува во Истанбул, каде што владината делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски ги претстави можностите што ги нуди македонската економија.
Според Мицкоски, интересот на турските компании е значителен, а целта на посетата е директно поврзување на македонските и турските бизниси преку Б2Б средби и нови партнерства.
„Постои навистина голем интерес кај турските бизнисмени за инвестиции во Македонија, а она што ние ќе го правиме во овие два дена во Истанбул е да ги презентираме можностите на македонската економија и сите оние можности и поддршка што ние како Влада ја даваме за привлекување странски директни инвестиции“, изјави Мицкоски.
Во обраќањето на форумот тој порача дека Македонија и Турција имаат цврсти пријателски односи кои можат да бидат основа за нов економски исчекор.
„Турските компании преку инвестирање во Македонија добиваат можност да станат дел од европските синџири на снабдување и да го прошират своето присуство на пошироки пазари“, истакна премиерот, додавајќи дека целта е создавање долгорочни партнерства што ќе донесат нови работни места и економски раст.
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски нагласи дека економската дипломатија е клучен инструмент за развој.
„Владите ја создаваат рамката, институциите ги отвораат вратите, но компаниите се тие што создаваат вредност, работни места и резултати“, порача Муцунски, повикувајќи на нови партнерства во индустријата, ИКТ секторот, логистиката, туризмот и инфраструктурата.
На форумот беше презентирана и Мапата за инвестирање во Македонија, додека по официјалниот дел следуваа директни средби меѓу македонски и турски компании за конкретни инвестициски проекти.
Минатата година трговската размена меѓу Македонија и Турција достигна околу една милијарда американски долари, а владините претставници оценија дека постои простор за значително продлабочување на економската соработка и привлекување нови турски инвестиции во земјата.
Аналитика








