ПОВЕЌЕ

    ВИНЧИНИ ОТВОРА НОВА ФАБРИКА ВРЕДНА 8,5 МИЛИОНИ ЕВРА – Производството расте за 30 процент

    Време зa читање: 2 минути

    Една од најголемите домашни инвестиции во прехранбената индустрија годинава ќе биде официјално ставена во функција во Виница. Компанијата Макпрогрес преку својот бренд Винчини ја пушта во работа новата фабрика за производство на вафли и сродни кондиторски производи, инвестиција вредна 8,5 милиони евра која треба значително да ги зголеми производствените капацитети и извозниот потенцијал на компанијата.

    На официјалниот почеток на работата на новиот производствен капацитет ќе присуствуваат премиерот на Владата на Македонија, проф. д-р Христијан Мицкоски, претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески и градоначалникот на Виница, Митко Костадиновски. Домаќин на настанот ќе биде генералниот директор на Макпрогрес, Глигор Цветанов, кој воедно е и потпретседател на Стопанската комора.

    Новата фабрика е изградена за само шест месеци, а во нејзината реализација значајна улога имале домашни градежни компании, инженери, проектанти и изведувачи. Производствениот погон располага со две современи линии за производство на вафли и други кондиторски производи, наменети како за македонскиот пазар, така и за повеќе од 60 странски пазари на кои веќе се присутни производите на Винчини.

    Со стартот на производството се отвораат 40 нови работни места, а компанијата најавува уште 40 дополнителни вработувања во текот на следната година. Со тоа, инвестицијата не само што ќе придонесе за растот на компанијата, туку и ќе има директно влијание врз локалната економија и отворањето нови можности за вработување во регионот.

    Од Макпрогрес очекуваат новиот капацитет да овозможи зголемување на производството за околу 30 проценти, како и дополнително проширување на извозните активности и зајакнување на позицијата на брендот Винчини на меѓународните пазари.

    Во рамки на посетата ќе се одржи и работна средба со менаџерскиот и стручниот тим на компанијата, на која ќе бидат претставени досегашните резултати, идните развојни планови и предизвиците со кои се соочува домашната прехранбена индустрија во услови на засилена меѓународна конкуренција.

    Макпрогрес е една од најголемите македонски прехранбени компании и меѓу водечките домашни извозници. Со новата инвестиција компанијата продолжува со стратегијата за технолошка модернизација, зголемување на конкурентноста и јакнење на присуството на македонските производи на светските пазари.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично