
Макпетрол ја продолжува борбата против врсничкото насилство во училиштата. Компанијата почна со дистрибуција на прирачници наменети за наставници, стручни служби, ученици и родители, како дел од кампањата „Крени глас против врсничко насилство“.
Првите примероци денес беа доставени во основното училиште „Гоце Делчев“ во Општина Центар, а активноста се реализира во соработка со Министерството за образование и наука. Целта е практична поддршка за училиштата во препознавање и справување со овој сè поактуелен проблем.
Прирачникот е изработен од психологот Деспина Стојановска, врз основа на директна работа со ученици низ целата земја. Во рамките на кампањата, во повеќе од 150 основни училишта во 26 општини биле одржани 620 работилници, со учество на над 18.000 ученици. Токму искуствата од овие средби биле клучни за креирањето на содржината.
„Прирачникот не е само теоретски материјал, туку резултат на разговори со децата и разбирање на нивните реални предизвици. Замислен е како практична алатка што ќе им помогне на наставниците и стручните служби полесно да го препознаат и поефикасно да реагираат на врсничкото насилство“, посочува Стојановска.

Материјалот е објавен преку Арс Ламина и ги има поминато сите потребни процедури за одобрување од Бирото за развој на образованието и од Министерството за образование и наука. Покрај на македонски, достапен е и на албански, турски, српски и босански јазик.
Државниот секретар во Министерството за образование и наука, Елена Ивановска, оцени дека прирачникот нуди јасни насоки и практични решенија за справување со булингот, нагласувајќи дека ваквите иницијативи се значајни за создавање побезбедна и потолерантна училишна средина.
Кампањата „Крени глас против врсничко насилство“ во изминатите две години значително ја зголеми јавната свест за овој проблем. Покрај ученичките работилници, биле организирани и 17 средби за родители со повеќе од 3.000 учесници, како и два големи јавни настани. Дистрибуирани се над 10.000 едукативни материјали, а веб-платформата kreniglas.mk продолжува да функционира како ресурс за информирање и едукација.
Од компанијата најавуваат дека општествената одговорност, особено во делот на поддршка на децата и младите, ќе остане еден од нивните клучни приоритети и во иднина.
Аналитика








