Во девет трансакции реализирани надвор од рамките на берзанското тргување, минатата недела сопственоста е променета кај 801 акција. Издадени се од пет акционерски друштва, а речиси половината се од редот на двете најтргувани акции на Македонска берза.
Вкупно 217 обични акции го носат знакот на Алкалоид. Регистрирани се три нетрговски трансфери: во понеделник со 50 обични акции, вторник со 27 и среда со 140 обични акции. Просечната цена по акција е 22.000,28 денари и произлегува од тргувањето со датум од 25 септември.
Преку два преноса, нов сопственик добиле 176 обични акции на Комерцијална банка: 43 од нив се трансферирани во среда, а 133 во петок. Акцијата, најатрактивна за инвеститорите, има средна вредност од 22.996,86 денари.
Во два преноса, но со различен вид хартии од вредност, фигурира и најстарата македонска банка. Во средата е направен трансфер со 86 приоритетни акции на Стопанска банка Скопје. Нивниот просек е 749 денари за акција. Според податоците од берзата, досега – во последните 52 недели имало 40 трансакции со овој тип акции. Потоа, во петокот биле трансферирани 106 обични акции, а тие имаат просечна цена од 1.650 денари.
На Уготур АД Скопје се 150 обични акции. Со овие акции не е изведена ниту една берзанска купопродажба во последните 52 недели, а нивната просечна цена е 20 денари.
Тутунски комбинат Прилеп во неделната статистика на Централниот депозитар за хартии од вредност е застапен со 66 обични акции, чијашто просечна цена е 290 денари. Во изминатите 52 седмици со акциите на оваа компанија имало само две берзански трансакции, од кои последната била на 10 јуни.
Аналитика








