НЛБ банка ја отвори деловната 2026 година со добивка од 11,9 милиони евра, потврдувајќи ја позицијата на еден од главните чинители на домашниот банкарски пазар. Финансискиот резултат од првото тримесечје е проследен со позитивна годишна промена од 1,8 насто, постигната во услови на зголемени каматни трошоци и инфлаторни притисоци.
Каматите како главен извор на банкарските приходи продуцирале за 0,8 насто повисоки нето-приливи, кои се заокружуваат на 19,5 милиони евра. Во тие рамки, каматните приходи пораснале за 5,4 насто – на 23,4 милиони евра. Тоа, пак, е резултат на засиленото кредитирање на компаниите и домаќинствата. Сепак, дел од ефектот е неутрализиран со значителниот раст на каматните расходи од 37,2 насто, кои се во износ од 3,9 милиони евра.
Од друга страна, нето-приходите од провизии и надоместоци бележат зголемување од 10,7 насто, а во таа ставка од билансот на успех е заведена сума од 6,7 милиони евра.
Банката продолжува со инвестиции во развој, што се согледува од оперативните трошоци, кои се повисоки за 8,2 насто, главно поради вложувања во дигитализација, модернизација и човечки капитал. Истовремено, подобрувањето на кредитниот квалитет се гледа преку намалувањето на исправките на вредност и резервациите за 12,7 отсто.
Што се однесува до кредитната активност, во сегментот небанкарски сектор е регистрирано зголемување од 21,8 насто. Ова движење е стимулирано од побарувачката на компаниите (+25,5 %), додека кредитирањето на граѓаните е зголемено за 12,5 насто, особено поради изнтересот за станбени и потрошувачки кредити. Оттаму, пласманот на средства на крајот од март достигнува 1,7 милијарди евра.
НЛБ банка има солидна депозитна база од 1,9 милијарди евра, која во првиот квартал нараснала за 15,8 насто, што е резултат на довербата од клиентите.
За една година вкупната актива се зголемила за 21,7 насто и на последниот ден од март изнесува 154,3 милијарди денари, односно 2,5 милијарди евра. Тоа е „резултат на успешното спроведување на активностите за остварување силен раст на бизнисот и целосна поддршка на потребите на клиентите“, посочуваат од НЛБ банка.
Во наредниот период, фокусот останува на дигитализацијата, на нови платформи за кредитирање, инстант плаќања и примена на вештачка интелигенција, како и на финансирање на „зелени“ проекти. Банката најавува продолжување на инвестициите во технологија и корисничко искуство, со амбиција да ја задржи водечката позиција и во традиционалното и во дигиталното банкарство.
М.А.
Аналитика








