ПОВЕЌЕ

    Проекции на Алта банка: Кредитите и депозитите во подем, добивката тројно повисока

    Време зa читање: 3 минути

    Раст на добивката, кредитирањето и на пазарното учество, односно значително подобрување на финансиските перформанси се амбициозните планови на Алта банка Битола, што треба да се реализираат во текот на оваа деловна година.

    Според проекциите што Банката ги сподели со инвеститорската јавност преку Македонска берза, нето-добивката треба речиси тројно да се зголеми. Од остварените 40,6 милиони денари во 2025 година на близу 118 милиони денари во 2026 година. Истовремено, бруто добивката се очекува да достигне над 131 милион денари.

    Тоа е крајната цел, на којашто ќе ѝ претходат низа позитивни движења. Во план е растот на профитабилноста да биде поддржан од зголемувањето на приходите. Особено во сегментот на провизиите и надоместоците, кои се проектирани да пораснат од 64 милиони на 204,4 милиони денари. Кај нето-приходите од камати се предвидува умерен раст – од 359,9 милиони на 375,3 милиони денари.

    Клучен двигател на растот ќе биде кредитната активност, сегмент во кој е планирана силна експанзија. Конкретно, вкупните кредити и побарувања (во кои не се вклучени банките) се очекува да се зголемат од 3,8 милијарди на над 7,1 милијарда денари. Или, за високи 87 насто што, пак, е сигнал дека во фокусот на Алта банка ќе биде поддршката на бизнисите и на граѓаните, но и проширеното пазарно присуство. Како што е наведено, кредитите кон компаниите треба да пораснат од 1,2 милијарди на над 3 милијарди денари, а кон домаќинствата од 2,6 милијарди на над 4 милијарди денари.

    Кога се зборува за овој деловен сегмент, проекциите покажуваат дека Банката сериозно е ориентирана кон значително подобрување на квалитетот на кредитното портфолио. Учеството на нефункционалните кредити кај нефинансиските компании се очекува да се намали од 5,41 на 1,89 проценти. Притоа, нивната покриеност со исправка на вредност ќе се зголеми на 156,95 проценти.

    Основата на сите тие активности е депозитната база. Алта банка проектира раст на депозитите (без банкарските) за 33 насто. Во текот на оваа година да се подигне прагот и од 8,98 милијарди денари (2025 година) да се достигне до 11,96 милијарди денари. Најголемото нагорно движење се предвидува кај компаниите, чиишто депозити треба да се зголемат повеќе од двојно, за од 125,8 насто – од 1,31 милијарда на 2,96 милијарди денари. Паралелно, влоговите на населението се со проектиран раст од 18,2 насто, од 6,97 милијарди денари на 8,24 милијарди денари.

    Минатата година Алта банка Битола ја заврши со вкупна актива од 11,3 милијарди денари. На 31 декември 2026 година, според плановите, во таа ставка би требало да се заведе износ од 14,7 милијарди денари, што претставува раст од 29,9 насто.

    Во стратегискиот фокус се и нефинансиските цели: одржување висока капитализираност и ликвидност, дигитализација и автоматизација на процесите, зајакнување на пазарниот имиџ, искористување на синергиите во рамки на групата, задржување и привлекување на таленти, како и усогласеност со ESG стандардите.

    Банката, особено важна за Пелагонискиот Регион, минатата година стана дел од српската Алта група. Стопанска банка Битола на 12 декември официјално се преименува во Алта банка Битола, со амбиции да прерасне во значаен фактор во банкарскиот сектор, сојузник на локалната економија и чинител кој ќе создава услови за развој и регионална соработка.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично