
Серија едукативни активности насочени кон зголемување на финансиската писменост кај младите се реализираа во рамки на одбележувањето на Global Money Week 2026, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), заедно со пензиските друштва КБ Прво пензиско друштво АД Скопје, Сава пензиско друштво АД Скопје и Триглав пензиско друштво АД Скопје.
Еден од клучните настани се одржа на Економскиот факултет во Скопје, во соработка со проф. Елена Наумовска, каде што преку отворена дискусија на тема „Smart Money Talks“ студентите имаа можност да разговараат за финансиите на поопуштен и практичен начин, преку реални примери и актуелни дигитални трендови.
Преку интерактивен пристап се отворија прашања кои сè повеќе ги засегаат младите:
- што значи „паметно управување со пари“ во денешно време,
- како се менуваат финансиските навики под влијание на дигиталните платформи,
- што ги мотивира младите да размислуваат за штедење, инвестирање и долгорочна сигурност.
Дискусијата јасно укажа дека кај младите постои силен интерес за финансиска едукација, но преку пристап кој е практичен, интерактивен и усогласен со нивното секојдневие. Во тој контекст беше нагласена и потребата од рано разбирање на разликата меѓу штедење и инвестирање, како и значењето на концептот парите да „работат за нас“, односно развивање навики за создавање таканаречени „паметни пари“.
Дополнително, на студентите им беа презентирани конкретни можности за вклучување во пензискиот секторот:
- практична работа и стажирање,
- полагање на испит за агенти,
- можности за вработување уште за време на студирањето.
Особено инспиративен беше примерот на младата Сара, која ја сподели својата приказна – од пракса до вработување во пензиско друштво, како доказ дека финансискиот сектор нуди реални можности за младите.
Како дел од активностите, студентите подготвија и видео на тема „Паметни пари“, кое се објавува во рамки на кампањата, со цел да се поттикне поширока свесност и да се отвори разговорот за финансиските одлуки меѓу младите.
Паралелно со активностите со студентите, МАПАС и пензиските друштва реализираа работилници и со ученици и наставници, вклучително и во ООУ „Климент Охридски“ Општина Бутел каде дискусиите се темелеа на наодите од Анализа за финансиската писменост во основното образование, изработена од Биро за развој на образованието.
Анализата укажува дека финансиската едукација е присутна, но често фрагментирана и зависна од индивидуалниот пристап на наставниците. Токму затоа, МАПАС активно соработува со институциите во насока на зајакнување на наставните содржини и зголемување на активностите, во согласност со национално утврдените компетенции за финансиска едукација.
Овие активности ја потврдуваат заедничката посветеност на МАПАС и пензиските друштва – финансиската писменост да започне од најрана возраст и да продолжи низ целиот образовен процес.
Пораката е јасна: разговорот за пари треба да започне рано – затоа што одлуките што ги носиме денес ја обликуваат нашата финансиска иднина.
Аналитика








