И покрај предизвикувачката 2025 година за глобалната челична индустрија, Макстил оствари значително повисока добивка во споредба со претходната година. Нето добивката изнесува 7,3 милиони евра, а проследена е со раст од 63 насто. Добивката пред оданочување достигна 8,3 милиони евра. Позитивната промена главно се должи на признавањето на солидарниот данок како приход, велат од компанијата.
Во услови на намалена глобална побарувачка за челик, зголемени производствени трошоци, трговски тензии, геополитичка неизвесност и притисоци од процесот на декарбонизација, Макстил успеа да одржи позитивни финансиски резултати. Конфликтите на Блискиот Исток дополнително создаваат неизвесност, особено поради влијанието врз цените на енергенсите и транспортот.
Во текот на минатата година производството бележи пад. Во Валавница се произведени 267.036 тони дебели лимови, што е намалување од 8 проценти во однос на 2024 година. Производството на челични слабови изнесува 258.825 тони, што претставува пад од 15 проценти на годишно ниво. Намалувањето се должи на прекини во водоснабдувањето и електричната енергија, како и на продолжени ремонтни активности. Реализацијата на лимови достигна 268.088 тони, што е за 8 проценти помалку од минатата година.
Вкупните приходи од работењето изнесуваат 132 милиони евра и се пониски за 4 проценти во однос на 2024 година. Приходите од продажбата, кои учествуваат со 95 проценти во вкупните приходи, изнесуваат 125 милиони евра и бележат намалување поради помалата реализација.
Од друга страна, вкупните расходи се намалени за 6 проценти и изнесуваат 115,9 милиони евра, при што трошоците за производство остануваат доминантна ставка со 96 проценти учество.
Во текот на 2025 година реализирани се инвестиции од 14,9 милиони евра за одржување на опремата, подобрување на производните линии и унапредување на безбедноста при работа.
За година, посочуваат од Макстил, се очекува зголемена неизвесност поради најавеното намалување на увозните квоти во ЕУ, воведувањето на јаглеродниот надомест, транспортните ограничувања и можниот раст на цените на енергенсите. Стратегијата останува насочена кон производство на сопствени слабови и производство од околу 300.000 тони лимови, со фокус на пласман на пазарите во Европската унија, Турција и земјите од ЦЕФТА.
Аналитика








