Со поголем број корисници и со добивка од 41,2 милиони евра ја заокружи Македонски Телеком деловната 2025 година. Нивото на профитабилност е зголемено за 13,2 насто. Раст е забележан во сите сегменти, нагласуваат од компанијата, посочувајќи на позитивните достигнувања и во финансискиот и во инвестицискиот сегмент.
Оперативни приходи на телекомуникацискиот оператор се повисоки за 3,48 насто и на крајот од годината е запишан износ од 205,7 милиони евра. Во тие рамки, од продажбата се остварени 203,7 милиони евра, проследени со годишна промена од позитивни 3,18 насто. Од домашниот пазар се обезбедени 197,6 милиони евра (+3,83 %). Според билансот на успех, потфрлување од 14,13 отсто е регистрирано кај приходите од продажбата на странски пазар, кои се во износ од 6,1 милион евра.
Истовремено, компанијата успеала да ги одржи трошоците на истото рамниште. Ланските расходи се во износ од 159 милиони, а прекланските биле 158,9 милиони евра.
Во текот на годината, информираат од Телеком, реализирани се капитални инвестиции (CAPEX) од 46,5 милиони евра. Една година претходно, износост за таа намена бил 37,3 милиони евра.
„Нашата посветеност на креирање и спроведување паметни решенија доведе до зголемување на приходите од системската ИТ интеграција за дури 19,6 проценти“, задоволни се од компанијата.
Исто така, велат дека ја имаат најдобрата и најбрза мрежа во Македонија, при што посочуваат дека повторно ја освои престижната Ookla® награда за најдобра мрежа, врз основа на резултатите од спроведените мерења.
Освен тоа упатуваат и на широката достапност на 5G мрежата, до која има простап 97 проценти од населението, а брзините се гигабитни во речиси сите градови.
„Бројките го потврдуваат лидерството и во делот на оптичката инфраструктура, со која покриваме 369 илјади пристапи до оптика, што е речиси двојно повеќе во споредба со сите останати оператори на пазарот заедно и 7,2 проценти повеќе споредено со истиот период од претходната година“, информираат од Телеком.
Услугите на најголемиот телекомуникациски оператор ги користат 1,3 милиони корисници во мобилната телефонија, а базата се зголемила во текот на минатата година. За 3,4 насто пораснал и бројот на корисници на широкопојасен интернет (225 илјади), додека вкупниот број на интернет пристапи пораснал за 3 насто. Во фиксната телефонија имаат 238 илјади корисници.
На ТВ пазарот, посочуваат од компанијата, ја задржале лидерската позиција со удел од 38 проценти. За новата генерација дигитална телевизија – MagentaTV велат дека е одлично прифатена, а тоа повлекло раст од 6,3 проценти (169 илјади корисници).
„Со првата дигитална програма за наградување и поволности за корисниците – Magenta Moments, достигнавме 400.000 корисници. Според TRI*M индексот за мерење на задоволството на корисниците, ние сме број 1 телекомуникациски бренд во Македонија“, велат од Македонски Телеком.
Р.П.
Аналитика








