Финансиската полиција поднесе кривична пријава против претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, поради сомнение за злоупотреба на службена положба. Конкретно, заради тоа што не ја одзел навреме лиценцата на компанијата „Тритерол Петрол“, која не ги исполнувала законските услови за трговија со нафта и горива.
Наместо лиценцата да биде одземена во јануари 2024 година, тоа се случило дури во април 2025 година, што ѝ овозможило на фирмата да работи уште 15 месеци, учествувајќи во јавни набавки и склучувајќи договори без законска основа. Според Финансиската полиција, противправната корист стекната во тој период изнесува повеќе од 227.000 евра, додека прометот на компанијата во тој период достигнал 3,15 милиони евра.
„Пријавениот М.Б., во својство на претседател на РКЕ, ја злоупотребил својата службена положба и овластување. Спротивно на Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, тој бил должен да отпочне постапка за одземање на лиценца за вршење енергетска дејност, но донел незаконско решение за прекин на постапката. Лиценцата требало да биде одземена на 15 јануари 2024 година, но тоа се случило дури на 14 април 2025 година“, се наведува во соопштението од Управата за финансиска полиција.
Аналитика








