ПОВЕЌЕ

    Сервис Петрол стартува со понуда за преземање – 350 денари за акција на Фабрика Карпош

    Време зa читање: 2 минути

    Сервис Петрол може да започне со понудата за преземање на Фабрика Карпош, откако доби дозвола од Комисијата за хартии од вредност. Мнозинскиот акционер има намера да откупи 62.078 обични акции со право на глас по цена од 350 денари по акција.

    Понудата формално нема утврден минимален праг на прифаќање, што значи дека не е условена со стекнување на одреден број акции за да се смета за успешна.

    Намерата за целосно преземање беше објавена речиси една недела откако Сервис Петрол стана мнозински сопственик на Фабрика Карпош, при крајот на декември минатата година. Тогаш компанијата се стекна со 74,89 отсто од акционерскиот капитал. Од Градежниот институт Македонија купи 224 илјади акции за износ од над еден милион евра. Цената по акција во таа трансакција изнесуваше 280 денари.

    Понудената цена од 350 денари по акција е усогласена со берзанската, а се темели на просекот од последното тргување регистрирано на 9 декември. Во изминатите 52 недели на Македонска берза биле реализирани пет трансакции со вкупно истргувани 665 акции на Фабрика Карпош.

    Според податоците од Македонска берза, скопското акционерско друштво за проектирање, производство и монтажа на бетонски префабрикати, станбени и индустриски објекти, мостови и далноводи има издадено вкупно 299.112 акции. За откупот на преостанатите акции Сервис Петрол ќе вложи нешто повеќе од 353 илјади евра.

    Сервис Петрол ДОО е компанија што се занимава со трговија на мало со моторни горива и мазива и функционира како семејна фирма со шест вработени.

    Инаку, акциите на Фабрика Карпош се наоѓаат на Листата за набљудување на Македонска берза, каде што беа ставени откако Сервис Петрол објави намера за давање понуда за преземање.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично