ПОВЕЌЕ

    Пониските камати ја намалија добивката: Стопанска банка заработи 38,1 милион евра

    Време зa читање: 3 минути

    Повеќе околности, но првенствено пониските каматни стапки, влијаеле врз финансискиот резултат на Стопанска банка Скопје. Работењето во првите девет месеци од годинава е заокружено со нето-добивка од 38,1 милион евра, што е за 18,3 отсто помалку од заработените 46,6 милиони евра во истиот период лани. Но, од друга страна, Банката го зголемила кредитното портфолио, а приходите од провизии пораснале за високи 38 насто.

    Пред оданочување и резервации, добивката на Стопанска банка изнесувала 52,64 милиони евра, а по издвојувањето на резервациите добивката пред оданочување се сведува на 44,66 милиони евра. Всушност, линијата на пад почна да се исцртува во првото тримесечје со нотираните минус 18 отсто на годишно ниво, а продолжи и во вториот квартал (- 30 %).

    И главниот извор на банкарските приходи, е под удар на промените кај каматните стапки. Нето-приходите од камати се пониски за 7 отсто на годишно ниво и на крајот од септември се во износ од 62,66 милиони евра.

    Во тие рамки, најголем е уделот на приходите од кредитните активности. Паралелно со тоа, растот на депозитите и префрлањето значителен дел од средствата од сметки по видување во орочени депозити ги зголемиле каматните расходи. Дел од овој ефект бил компензиран со повисоки приходи од меѓубанкарски пласмани, депозити и вложувања во хартии од вредност.

    Значително подобри се движењата кај провизиите. Од пресметаните и наплатени провизии и надоместоци банката инкасирала нето-приходи од 13,26 милиони евра, зад кои стои годишен раст од 38 насто.

    Од курсните разлики, пак, се обезбедени 2,40 милиони евра, речиси исто како и во споредбениот лански период. Останатите приходи од дејноста се 7,63 милиони евра и се пониски поради еднократен настан што влијаел врз резултатите во 2025 година, посочуваат од Банката.

    Останатите расходи од дејноста достигнале 13,92 милиони евра, а трошоците за вработените 17,06 милиони евра. Двете ставки се нешто повисоки на годишно ниво, што Банката го поврзува со инфлацијата и промените на пазарните цени.

    За исправка на вредноста на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансна изложеност, на нето-основа, се издвоени околу 7,99 милиони евра.

    Што се однесува до кредитната активност, во овој сегмент се пласирани 1,85 милијарди евра. Притоа, кредитите и побарувањата од граѓаните и компаниите се во износ од речиси 1,8 милијарди евра, а ги следи позитивна годишна промена од 4 насто.

    Истовремено, вложувањата во хартии од вредност се намалени за 21 отсто, на 258,2 милиони евра. Банката наведува дека причината е пренасочување на дел од овие средства кон кредитни активности.

    На крајот од септември Стопанска банка располагала со вкупна актива од 2,60 милијарди евра. Во однос на крајот од 2025 година забележан е раст од 2 насто.

    Стопанска банка наведува дека и во следниот период ќе остане фокусирана на кредитирањето на населението и компаниите, одржувањето на ликвидноста и капиталната адекватност и внимателното управување со ризиците.

    М.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично