ПОВЕЌЕ

    Алкалоид заработи 26,6 милиони евра и вложи 17,3 милиони во нов раст

    Време зa читање: 4 минути

    Алкалоид продолжува да расте, да инвестира и да се шири далеку од домашниот, регионалниот и од европските пазари. Добивката, приходите и инвестициите се зголемени, отворени се 60 нови работни места, извозот носи речиси две третини од консолидираната продажба… – тоа е постигнато за девет месеци, од јануари до септември.

    Зад бројките, пак, стои скап раст. Компанијата вложува во нови продажни тимови на извозните пазари, што моментно ги зголемува трошоците и го забавува растот на консолидираниот профит, но очекува овие вложувања да донесат подобри резултати во следниот период.

    Деловните активности рализирани во трите тримесечја се ефектуирале со единечна нето-добивка од 26,6 милиони евра, што е за 7 насто повеќе во споредба со истиот период од 2025 година. На консолидирано ниво, нето-износот на заработката е 25,1 милион евра, со раст од 4 насто.

    Вкупните единечни приходи од јануари до септември достигнале 180,4 милиони евра и се за 3 насто повисоки од лани. Дури 93 отсто од нив доаѓаат од продажба на производи и услуги. Износот е 168,4 милиони евра, а го следи зголемување од 2 насто.

    Консолидираните приходи изнесуваат 274,8 милиони евра, при што е забележан годишен раст од 7 насто. Во тие рамки, продажбата на производи и услуги има доминантно учество од 96 отсто.

    Домашниот пазар учествува со 37 отсто во консолидираната продажба, а продажбите во Македонија се зголемени за 13 насто. Сепак, главниот бизнис на Групацијата е надвор од земјава. Странските пазари учествуваат со 63 отсто од вкупната консолидирана продажба, а најголем раст има во земјите од Југоисточна Европа, каде што продажбата е зголемена за 7 насто.

    Фармацијата убедливо доминира во портфолиото на Алкалоид со 92 отсто од вкупната консолидирана продажба. Продажбата на фармацевтски производи е зголемена за 7 насто.

    Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 8 отсто во консолидираната продажба. Од тоа, хемијата има удел од 2 отсто, козметиката 5, а билкарството 1 отсто.

    Со растот доаѓаат и повисоки трошоци. Единечните расходи за деветте месеци изнесуваат 151,4 милиони евра, и се зголемени за 2 насто.

    Консолидираните расходи достигнале 246,06 милиони евра. За 8 насто се повисоки во однос на минатогодишниот споредбен период.

    Вложувањата во истражувања и развој се неизоставен дел од стратегијата на Алкалоид. Во текот на првите девет месеци сегментот инвестиции регистрира скок од 34 насто. Всушност, тое едно од најсилните движења забележливи во извештајот. Вкупните консолидирани вложувања во основни средства изнесуваат 17,3 милиони евра.

    Дел од инвестициите се реализирани преку Алкалоид Енергетика, за изградба и развој на фотоволтаични капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори. Овие капацитети почнале со пробна работа во јули годинава.

    Во анализираниот период, на домашен терен Алкалоид обезбедил работа за 60 лица. Просечната нето-плата по вработен во септември изнесувала 68.950 денари. Исто така, вработените годинава добиле и регрес за годишен одмор од 47.000 денари.

    Групација брои 3.019 вработени. Од нив, 2.201 работат во земјава, а 818 се вработени во капитално поврзаните друштва во странство.

    Акциите на Алкалоид се меѓу петте најатрактивни за инвеститорите. Од јануари до септември нивната цена се движела меѓу 21.745 и 27.300 денари, а просечната вредност изнесувала 24.398,08 денари по акција.

    На 30 септември компанијата имала 6.657 акционери, физички и правни лица, а нејзината пазарна капитализација достигнала 31,64 милијарди денари или 514,5 милиони евра.

    „Остварените резултати во првите девет месеци од 2026 година се во согласност со планираната динамика на реализација на бизнис-планот. Во наредниот период се очекува кумулативните пласмани на домашниот и на странските пазари да ги надминат минатогодишните остварувања како и да ги достигнат планираните цели“, велат од Алкалоид.

    М.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично