
Со купување на 26.506 обични акции, познат инвеститор вложил 453.149.491,66 денари или 7,37 милиони евра во Млекара Битола. На тој начин е обезбедена сопственост на 24,41 отсто од акционерскиот капитал на компанијата.
Блок-трансакцијата, за којашто извести Македонска берза, е реализирана по единечна цена за акција од 17.096,11 денари. Нивната номинална вредност е пет евра.
Блок-трансакцијата се совпаѓа со најавениот период во кој треба да се заокружи сопственичката трансформација на дел од млечната индустрија во регионот. Кон крајот на ноември минатата година беше објавено дека Имлек, во чиј состав е и македонскиот Бимилк, преминува во сопственост на двајца српски бизнисмени – Андреј Јовановиќ и Бојан Радун. Тогаш беше посочено дека тие ќе ја преземат компанијата од фондот MidEuropa, со очекување купопродажната трансакција да се финализира во првиот квартал од 2026 година.
Во составот на Имлек, освен Бимилк се и два производни погони во Србија, како и Млијекопродукт од Босна и Херцеговина. Годишната преработка на млеко е меѓу 350 и 400 милиони литри, а компанијата соработува со повеќе од 3.500 фармери во регионот.
Аналитика








