ПОВЕЌЕ

    Работникот работи, а е сѐ посиромав: Со штрајкови и блокади до минималец од 600 евра

    Време зa читање: 5 минути

    Државата наскоро ќе се соочи со работничкото незадоволство и со барањата за минимална плата од 600 евра. Исто така, и за зголемување на сите останати плати за по 100 евра. Сојузот на синдикатите најави дека со протестите ќе се стартува во втората половина од месецов. Ќе има блокади на улици и штрајкови во повеќе институции. Доколку Владата и работодавачите не се кооперативни по ова прашање, можен е генерален штрајк во јавниот и во приватниот сектор.

    Синдикатот секојдневно на социјалните мрежи ги наведува причините поради кои треба да се штрајкува. Ова се првите три:

    250 ЕВРА ЗА ФУНКЦИОНЕРИТЕ 25 ЕВРА ЗА РАБОТНИЦИТЕ

    Од ССМ ги нагласуваат разликите во зголемувањата на функционерските и на работничките плати, што според законските одредници ќе се случат во февруари.

    „Фунционерите ги оставија работниците сами да се договорат со газдите за зголемување на минималната плата, а од друга страна истите тие функционери не разговараат со работниците затоа што ќе им се зголемат платите од 200 до 300 евра во февруари оваа година“, посочуваат од ССМ преку социјалните мрежи.

    Притоа, го појаснуваат и начинот на кој се утврдуваат функционерските примања согласно Законот за плата и други надоместоци на пратениците и другите избрани и именувани лица – основицата за пресметување плата се множи со утврдениот коефициент и се зголемува за процентот за работното искуство (член 10). Кон тоа се додаваат од 0,5 до 20 проценти за секоја година работен стаж. Оттаму, „основица за пресметување на платата е просечната исплатена месечна плата по вработен во Републиката за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика” (член 11).

    „Истите функционери одбиваат да дадат поддршка на работниците и да го прифатат барањето за зголемување на минималната плата и за зголемување на останатитите работнички плати, па се фалат дека само ќе го почитуваат Законот за минимална плата, кој предвидува само усогласување, а не и зголемување на минималната плата врз основа на критериумите согласно кои би се усогласила за околу 25 евра од март“, реагираат од ССМ, додавајќи дека „на едно работничко семејство му се потребни 2,6 минимални плати за да ги покрие само најосновните потреби, додека еден функционер со својата плата може да си дозволи 2 до 2,5 синдикални минимални кошници.

    „За функционерите можеби е оправдано да не излезат на протест, но колку е оправдано работниците кои не се функционери да не излезат на протест. Моќта е во работниците затоа што работниците ги бираат функционерите, а функционерите одбираат да не ги поддржат работниците“, истакнуваат од CCM.

    ПРАГ НА СИРОМАШТИЈА 31.200 ДЕНАРИ, МИНИМАЛНА ПЛАТА 24.379 ДЕНАРИ

    Минималната плата е под прагот на сиромаштија, потенцираат од ССМ, повикувајќи се на Државниот завод за статистика. Последните податоци покажаа дека преклани стапката на сиромаштија во Македонија изнесувала 21,9 проценти. А, прагот на сиромаштија е утврден на 374.400 денари годишно, или на околу 6.100 евра. Па, за да не се смета за сиромашно, просечното четиричлено семејство месечно треба да располага со најмалку 31.200 денари.

    „Владата смета дека минималната плата треба само да се усогласи за околу 25 евра и да изнесува околу 26.000 денари, или за 5.200 денари под прагот за сиромаштија. Тие сакаат работниците да одат на работа, а да се сиромашни“, подвлекуваат синдикалците.

    Воедно, синдикалниот лидер Слободан Трендафилов ги наведува и показателите од Управата за јавни приходи, според кои повеќе од 16.000 работници примаат плата под 23.000 денари. „Но што ако тие 16.000 работници излезат на улица и бараат зголемување на нивните плати, има ли таков што ќе ги одбие?“ – прашува Трендафилов.

    СЛОБОДАН ТРЕНДАФИЛОВ: Ако платите не се зголемат, протести се можни уште од јануари

    НЕ СИ ГАЗДА, МИНИСТЕР И ПРАТЕНИК, РАБОТНИК СИ

    Од ССМ аргументираат дека првите тројца работодавачи со највисоки плати во Македонија во јуни си исплатиле плата од 700.000 евра. Потоа, 1.080 избрани и именувани функционери имаат месечни нето-плати помеѓу 100.000 и 180.000 денари. А, 14.369.470 денари е сумата која пратениците во македонското Собрание ја земале за патни трошоци минатата година. И прашуваат: „Колку земале работниците?“.

    Сите тие „одбиваат да ја зголемат минималната плата на најмалку колку што изнесува прагот на сиромаштијата во Македонија или над 31.200 денари, што од сегашната минимална плата од 24.379 денари е за 6.821 денар повеќе и затоа е и барањето сите плати на македонските работници да се зголемат за најмалку 6.000 денари или 100 евра“, нагласуваат од ССМ.

    И 600 ЕВРА СЕ МАЛКУ КОМЕНТИРААТ РАБОТНИЦИТЕ

    Со оглед на цените, минималната плата треба да е најмалку 50 илјади денари (800 евра), пишуваат граѓаните во своите коментари на социјалните мрежи. Еве некои од нив.

    „Погрижете се за платите, пензиите, социјалната помош, детскиот додаток, помош на инвалидни лица, телесно оштетување… Тие 600 евра се ништо, луѓето горат… Плати под 800 евра – не… Правото на живот ни го земаа, не протераа по туѓина, доста е“.

    „До кога работникот само ќе работи, а е сѐ посиромав? …Кого уништувате, оној без кого не можете, без работникот“.

    „На овие цени и стандард кој го живееме тука, минималната плата треба да изнесува минимум 50.000 денари за да може еден граѓанин доколку би живеел сам да плати стан, сметки, храна и да си дозволи солидна облека и да има доволно пари за да може да го преживее месецот како нормален човек“.

    Можноста за протести Трендафилов ја навести во новогодишниот разговор за Пари, каде што истакна дека македонскиот работник е продуктивен, но е малку платен. Со сегашните плати голем дел од работниците живеат на работ на сиромаштија и немаат економска сигурност. Како што нагласи тогаш, доколку платите не се зголемат, „ќе постапиме согласно волјата на мнозинството – 99,5 отсто од испитаниците во анкетата на ССМ се подготвени уште од јануари да поддржат протести и штрајкови“.

    М.А.

    (Фото: ССМ – Фејсбук)

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично