ПОВЕЌЕ

    Кумановските бизниси ја кренале профитабилноста и заработиле 53 милиони евра

    Време зa читање: 6 минути

    Приход од над 697 милиони евра и добивка од речиси 53 милиони евра се резултатите на кумановските компании. Кумановци се умешни во бизнисот, без оглед што прометот нараснал за скромни 4,23 насто, но се покажале во профитот, кој за една година е пораснат за речиси 24 насто. Веројатно, тоа е резултат на намалени трошоци и зголемена ефикасност, кон што се додава и намалување на бројот на вработените (‒ 3,02 %), што, пак, е тесно поврзано со растот на платите. Кумановските компании, 2.883 на број, лани функционирале со 12.025 вработени, а за нивните плати секој месец просечно била исплаќана сума од 831,3 илјади евра. Вкупниот месечен фонд за плати е повисок за 14,26 насто.

    Извор: Бизнис Мрежа

    ДЕСЕТ ФИРМИ ПРАВАТ ТРЕТИНА ОД ОБРТОТ

    Водечките 10 трговски друштва од градот лоциран во североисточниот дел од државата, во текот на минатата година оствариле заеднички приход од 211,4 милиони евра. Тоа е една третина од вкупниот износ постигнат на ниво на општината. Споредено со 2023 година, обртот е поголем за 11,85 насто и е во опсег од 11,8 милиони до 48,7 милиони евра, покажуваат податоците на Бизнис Мрежа што ги анализира Пари.

    Најнискиот износ е на трговското друштво за вработување на инвалидни лица Алфи БИ компани, заработен од трговијата на мало co електрични апарати за домаќинства. Највисокиот промет, исто така е реализиран во малопродажбата, но на моторни горива и мазива, и му припаѓа на Детоил.

    Најголемиот процентуален скок од безмалку 64 насто е произлезен од активностите на Делукс-Ауто. Интересот на Кумановци за набавка на нови возила придонел прометот од 8,2 милиони (2023 година) да се зголеми на 13,4 милиони евра. Во конкуренцијата е доволно за претпоследното место.

    Само едно од друштвата има пад на приходната страна. Се работи за Метал-Нет. Трговецот на големо co метална стока, цевки, уреди и опрема за водовод и централно греење запишал минус од 1,83 отсто, а со сумата од 20,1 милион евра е на петтата позиција.

    Извор: Бизнис Мрежа

    РЕЗУЛТАТОТ НА НАЈПРОФИТНИТЕ Е ПОРАСНАТ ЗА 121,43 НАСТО

    Добивката на најпрофитните компании за една година е повеќе од двојно зголемена. Достигнала 18,6 милиони евра, кои во вкупниот профит на сите 2.883 друштва зафаќаат 35,2 насто. Воедно, нема износ под еден милион евра.

    Исто како и кај прометот, и овде предводник е Детоил (3,7 милиони евра). Притоа, го држи и рекордот на раст од 1.044,71 насто. Само за споредба, претходната добивка на оваа компанија била 321,7 илјади евра.

    Преклопување има и на третото место, резервирано од резултатите на градежникот Рапид Билд. Од приходите од 23,5 милиони евра, како чиста добивка останале 3,1 милион евра.

    Квалитет-Пром е на втората позиција со профитот од 3,4 милиони евра. Исто така, ова друштво што се занимава со трговија на големо co дрва, градежен материјал и санитарна опрема е второ и по процентуалното зголемување од 776,13 насто.

    Раст од над 100 насто има кај уште три компании. И на оваа листа има само еден минус, од 9,7 отсто. Добивката на Бучен Козјак се намалила од прекланските 1,4 милиони на ланските 1,3 милиони евра.

    Извор: Бизнис Мрежа

    РАБОТИТЕ СЕ ВРШАТ И СО ПОМАЛКУ ВРАБОТЕНИ

    Кај најголемите кумановски работодавачи работната сила се намалила за 5,87 отсто. Минатата година кадарот во десетте друштва броел 2.133 лица. Пет фирми продолжиле да работат со помалку работници, а кај четири имало потреба од нови вработувања.

    Најголем број вработени, но и најголем пад на кадарот е забележан во Друштвото за градежништво, производство, трговија и услуги Босут, кое се занимава со производство на горна облека. Преклани работата ја вршеле 415 вработени, а лани за 100 помалку (‒ 24,10 %).

    Меѓу друштвата со над 300 вработени се и Чистота и зеленило (304) и Елида (302), каде што е остварен и најголемиот процентуален раст од 11,03 насто.

    Извор: Бизнис Мрежа

    ПРОСЕЧНИ ПЛАТИ ОД 1.120 ДО 3.900 ЕВРА

    Пет фирми од кумановските коишто се издвојуваат по висината на просечната плата имаат завиден процентуален раст, од над 140 па сѐ до речиси 9.000 насто. Уште еден податок: десетте компании што исплаќаат највисоки плати ангажираат вкупно 53 лица. Шест од нив функционираат со еден човек.

    Највисока просечна плата од 3.900 евра примал единствениот што останал да работи во фирмата за индустриски и моден дизајн АП дизајн. Преклани, кога работеле осуммина, просечните примања биле 550 евра. Позитивната годишна промена е 611,02 насто.

    Најниската плата во оваа конкуренција е 1.120 евра, а ја прима тој што работи во Бониер, друштво регистрирано за авиоуслуги, што се занимава со помошни дејности за одгледување посеви. Претходно биле двајца, а откако останал еден, платата се зголемила за 89,89 насто.

    Со еден човек функционира и фирмата за компјутерско програмирање Интелигрејт, каде што се случил највисокиот процентуален раст од 8.976,44 насто. Вработениот во 2023 година имал просечна плата од 18 евра. Ситуацијата се сменила и лани просекот дошол до 1.610 евра.

    Сличен бил и текот на настаните во Мухамед Пром. Преклани трговецот на мало co обувки и предмети од кожа имал плата од 85 евра, која по зголемувањето од        1.557,34 насто се искачила на 1.410 евра.

    Второрангираното друштво според платата од 1.650 евра е Линк мобилити девелопмент центар. Вреди да се напомене дека тој просек се однесува на 32 работно ангажирани лица. Бројноста на екипата била иста и преклани, кога просечната плата изнесувала 1.320 евра (+ 24,84 %).

    Извор: Бизнис Мрежа

    Маја Анастасова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично