Pacta sunt servanda – договорите мора да се почитуваат. Овој древен принцип на римското право не претставува само историски украс на правната мисла, туку темелна основа на секој современ правен поредок. Од него произлегува едноставната, но суштинска логика: каде што постои право, мора да постои и средство за негово спроведување – ubi ius, ibi remedium.
Правдата, според римските правници, претставува „constans et perpetua voluntas ius suum cuique tribuendi“ – постојана и трајна волја секому да му се даде она што му припаѓа. Но, правдата не се остварува сама по себе, таа бара институционален механизам, организациона структура и ефикасно дејствување.
Извршителот како практична рака на правдата
Во современиот правен систем, извршителот претставува еден од клучните механизми преку кои се остварува правото – практичната рака на правдата. Тој ја претвора судската одлука или изразената волја на договорните страни од хартиен акт во реалност, обезбедувајќи правна сигурност и доверба во системот.
Без извршителот, судските пресуди, договорите, нотарските исправи и сите други извршни исправи предвидени со закон би останале само формални документи без практична сила. Затоа, со право може да се каже дека извршителот е нужната алка во синџирот на правото – без него, правниот систем би се распаднал под тежината на неисполнети обврски и изгубена доверба во правдата.
Иако неговата улога често е недоволно разбрана или неправедно прикажана во јавноста, суштината е јасна: таму каде што превентивните мерки не даваат резултат, почнува извршителот.
Извршителот како гарант на правната сигурност
Правдата станува вистинска само тогаш кога ќе се спроведе она што судот го утврдил или кога волјата на страните ќе биде ефективно реализирана. Доколку тоа не се случи доброволно, настапува извршителот – гарантот дека правдата ќе се претвори во конкретно дејство.

Функцијата на извршителот е неутрална и заштитна: тој го штити правото на доверителот да го добие она што му следува, но истовремено обезбедува законитост, правичност и пропорционалност кон должникот.
Со тоа, извршителот претставува баланс помеѓу правото и обврската, помеѓу правдата и практичната извршливост. Тој ја материјализира правната одговорност и овозможува функционален, доверлив и ефикасен правен систем.
Јавната перцепција и реалноста
Во јавноста често постои погрешна перцепција дека извршителот е „непријател“ на граѓаните или компаниите. Тоа е далеку од вистината. Извршителот не создава долг – тој само го спроведува она што е законски утврдено.
Неговото постапување е строго регулирано со позитивните законски прописи, кои гарантираат дека ниту една страна нема да биде произволно оштетена. Без извршител, довербата во правниот систем би еродирала, а доброволното исполнување на обврските би станало исклучок, наместо правило.
Потреба од модернизација на Законот за извршување
Развојот на општеството, економијата и технологијата неминовно бара приспособување на законската рамка. Законот за извршување мора да ги следи современите стандарди во насока на:
- Зголемена ефикасност и брзина на постапките, преку намалување на административните пречки и подобрување на резултатите, доставување на поштенските пратки по електронска пошта до должник и доверител
- Институционална поврзаност и транспарентност, особено во комуникацијата со банки, регистри и јавни органи. Во тој контекст, значаен чекор напред претставува неодамнешното потпишување на Меморандум за соработка помеѓу Комората на извршители и Фондот за пензиското и инвалидското осигурување. Со тоа е овозможен побрз пристап до информации и поефикасно постапување по барањата на извршителите. Овој позитивен тренд мора да продолжи и да се прошири на сите институционални нивоа.
Со воведувањето и целосната имплементација на системот за интероперабилност, размената на информации ќе се одвива во реално време – концепт кој не смее да остане само теоретска визија, туку да стане практична реалност веднаш.
- Надминување на практичните аномалии во системот. Последниот период сведочиме на девијантна појава во доменот на извршувањето, која го нарушува концептот на постапката и создава сива економија и нелојална конкуренција. Институциите, особено Министерството за правда, не смеат да останат неми и пасивни на ваквите појави.
Едногласен став на извршителите во Р.С. Македонија е дека овие појави можат да се надминат единствено преку рамномерна распределба на предметите, со поголема контрола, транспарентност и обезбедување на приходи кои директно ќе се слеваат во буџетот на судовите.
Дополнително, треба итно да се напуштат старите концепти на постапување – како одржување лицитации во канцеларии – и да се премине кон електронски аукции, кои ќе обезбедат поголема транспарентност и ќе го намалат ризикот од влијанија и злоупотреби.
- Следење на технолошките иновации, особено дигитализацијата и електронската наплата, кои ја зголемуваат довербата, безбедноста и отчетноста во системот.
Овие измени не се само формални, туку суштински и стратешки неопходни за одржување на функционален, праведен и современ извршителски систем.
Професионални стандарди на извршителите
Работата на извршителот не е само техничка, туку високо професионална и етичка дејност. За да ја оправда својата улога како „нужна алка во синџирот на правото“, секој извршител мора да:
- Постапува исклучиво согласно законот, без произволност и лични интереси;
- Гарантира правна сигурност преку строго почитување на судските одлуки и пропишаните процедури;
- Одржува непристрасност и објективност, без фаворизирање на доверителот или неоправдано оптоварување на должникот;
- Применува современи практики и технолошки решенија кои обезбедуваат ефикасност, дигитализација и транспарентност;
- Обезбедува отчетност и етичност, при што секое постапување е документирано и проверливо од надлежните институции;
- Гради доверба кај јавноста преку професионално и достоинствено однесување.
Професионалните стандарди не се само формални правила, туку суштински столб на извршителската професија. Тие го претвораат извршителот во чувар на правната доверба и сигурност – фигура без која правдата не може да се оствари ниту ефикасно, ниту правично.
Заштита, транспарентност и финансиска дисциплина
Современиот извршителски систем не може да биде целосен без јасна заштита на правата на сите страни во постапката. Средствата и приходите кои се од суштинско значење за егзистенцијата на должникот се заштитени со закон, со што се гарантира почитување на основните човекови и социјални права.
Истовремено, доверителите и должниците мора јасно и транспарентно да бидат информирани за своите права и обврски во текот на извршната постапка. Особено важно е двете страни однапред да знаат со кои извршни трошоци ќе се соочат, бидејќи токму транспарентноста создава повисока свест за финансиска дисциплина и одговорност.

Покрај правата, должниците имаат и законска обврска за соработка со извршителот, предвидена во член 26 од Законот за извршување, што е суштински предуслов за ефикасно, правично и законито спроведување на постапката.
Само преку воспоставување рамнотежа помеѓу заштитата, информираноста и одговорноста – системот на извршување може да ја задржи својата правна и морална функција, гарантирајќи доверба во правдата и стабилност во општеството.
Визија за иднината на извршителството
Извршителството не е само правен механизам – тоа е институционален столб на правната држава и огледало на нејзината зрелост. Во секое општество што се стреми кон владеење на правото, ефикасноста на извршителскиот систем е мерка за довербата во правдата.
Пред извршителите стои одговорна, но и благородна мисија – да ја претворат правдата во конкретна реалност, да ја одржат рамнотежата меѓу законитоста и човечноста, и да ја сочуваат правната сигурност како вредност што ја обединува заедницата.
Иднината на професијата лежи во постојана модернизација, дигитализација, транспарентност и професионален интегритет. Само преку континуирана обука, високи етички стандарди и силна институционална поддршка, извршителот може да остане вистински чувар на правниот поредок.
Во општество кое се стреми кон правда и еднаквост, извршителот ќе продолжи да биде нејзината практична рака – симбол на одговорност, доверба и непоколеблива посветеност на правото.
Бране Милчески
(Авторот е извршител)
Аналитика








