ПОВЕЌЕ

    Битолската Стопанска банка со нов идентитет – АЛТА банка АД Битола

    Време зa читање: 3 минути

    Стопанска банка Битола ќе го носи името на преземачот од Србија и наскоро и официјално на банакарскиот пазар ќе опстојува како АЛТА банка АД Битола. Промената е дел од предложениот изменет и дополнет Статут, за чие усвојување ќе се гласа на 12 декември, за кога е закажана 55. седница на акционерското Собрание.

    Во членот 3, за називот е наведено:

    „Банката работи и учествува во правниот промет под име: АЛТА банка АД Битола. Името на Банката може да се пишува и на латинично писмо и ќе гласи: ALTA banka AD Bitola. Скратениот назив на Банката на македонски јазик е: АЛТА банка, а на латинично писмо е: ALTA banka“.

    Како што е наведено во образложението, сето ова се прави со цел највисокиот правен акт за организација на работата да се усогласи со новиот мнозински акционер – АЛТА банка а.д. Белград, „која заедно со поврзаните лица поседуваат 93,2571 % од вкупниот број издадени акции“, но и заради усогласување со измените на Законот за банки.

    Од Стопанска банка Битола посочуваат дека со измените, бројот на членовите на Управниот одбор ќе се зголеми од сегашните двајца на тројца. Исто така, новини има и во поделбата на нивните надлежности, начинот на одлучувањето и застапувањето на Банката. Оттаму, еден од членовите ќе биде надлежен за физички лица и микроклиенти, правни лица и маркетинг и развој; другиот за управување со ризици, финaнсии, правни работи и решавање на проблематични пласмани, контрола на усогласеност на Банката со прописите и спречување перење пари и финансирање тероризам; а третиот ќе биде одговорен за организација и ИТ, операции и администрација и управување со инвестиции и имот. А, заеднички се надлежни за работењето со човечките ресурси и со Кабинетот на Управниот одбор.

    Одлуките, се вели во образложението, ќе се носат со мнозинство гласови од членовите.

    Инаку, предвидено е членовите на највисокото раководно тело зад себе да имаат „шест години успешно работно искуство од областа на финансиите или банкарство или три години работно искуство како лице со посебни права и одговорности во банка со активности соодветни на Банката“. Меѓу другото, освен стручни знаења и искуство, членовите на Управниот одбор мора да се во постојан работен однос во Банката и „барем еден од нив мора да го познава македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и да има постојано живеалиште во Република Северна Македонија“.

    Промените ќе стапат во сила откако ќе добијат согласност од Извршниот одбор на Народната банка и секако, од Собранието на акционерите на Стопанска банка Битола.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично