 Преферира искрен пристап и посветена работа. Се залага за транспарентност не само во работењето, туку и во личниот однос кон јавноста. Секогаш кога е можно го избира велосипедот како превозно средство. Секој може да види колкава е неговата плата, износот е објавени на веб-страницата на Општина Центар. Во неговото работење доминира човечката димензија — од грижата за највозрасните и поддршката на младите, до стремежот да создаде општина во која жителите ќе се чувствуваат видени, слушнати и вклучени.
Преферира искрен пристап и посветена работа. Се залага за транспарентност не само во работењето, туку и во личниот однос кон јавноста. Секогаш кога е можно го избира велосипедот како превозно средство. Секој може да види колкава е неговата плата, износот е објавени на веб-страницата на Општина Центар. Во неговото работење доминира човечката димензија — од грижата за највозрасните и поддршката на младите, до стремежот да создаде општина во која жителите ќе се чувствуваат видени, слушнати и вклучени.
Граѓаните тоа го препознаваат и во недела ќе ја потврдиме големата победа, вели во интервјуто за Пари актуелнот градоначалник на централната скопска општина, Горан Герасимовски. Уверен е дека ќе го освои вториот мандат и ќе реализира уште многу проекти.
Пари: Изборната трка е пред самиот финиш. Што велат одгласите од теренот, колкави се можностите по втор пат да ја добиете довербата на жителите од Центар?
Герасимовски: По резултатите од првиот круг и поддршката што ја добивам од терен во изминатите денови, сметам дека во недела, заедно со граѓаните на Центар, ќе ја потврдиме големата победа. Нашите очекувања и анализите кои ги имаме се дека поддршката расте, а во вториот круг ќе ја зголемиме разликата. Сметам дека водевме фер, чесна и многу конструктивна изборна кампања, која беше длабоко втемелена во програмата за следните четири години. Мојата програма не беше изборен памфлет како на мојот противкандидат, туку сериозен стратешки и политички документ составен врз база на остварливи ветувања и проекти за секој дел од Центар и за секоја категорија граѓани. Ова е суштинската разлика меѓу мене и другата опција. Јас не се служев со ниски напади, лаги и манипулации како што тоа го правеа тие, туку се фокусирав на реални ветувања и конкретни проекти кои граѓаните на Центар ги препознаа. Центар и центарци не потпаѓаат на стари потрошени трикови и негативна кампања, знаат да препознаат искрен пристап и посветена работа, и затоа очекувам во недела да ми ја дадат поддршката.

Пари: Зошто граѓаните треба да гласаат за Вас? Кои се адутите од првиот мандат?
Герасимовски: Во првиот мандат ги поставивме темелите и го трасиравме патот на промените во начинот на управување со Општината и културата на водење локални политики. Прво, би рекол дека за првпат граѓаните видоа што значи чесна работа, без ниедна дамка, ниеден скандал, ниеден денар потрошен на непродуктивни трошоци. Мојата цел беше да ги уверам центарците дека може да се работи на овој начин, дека Општината може да биде транспарентна во работењето и отворена за граѓаните, и дека со овој пристап може да се реализираат над 90 отсто од ветеното.
Втората причина е променетиот начин на соработка во Советот. Центар е пример како треба советниците заеднички да работат во интерес на граѓаните. Една од најдобрите работи во нашиот Совет и во минатиот, а и во овој мандат, е фактот што има советници од многу различни советнички групи. Додека во други општини ова е хендикеп и често ја блокира работата, за нас е предност. Предност, затоа што се прифаќаат и заеднички се гласаат сите добри предлози кои доаѓаат од сите советници. Изминатиот мандат мнозинството одлуки ги изгласавме едногласно, а се прифатија најголем дел од предлозите на сите советнички групи.
Трето, и не помалку важно, е реализацијата. Имаме реализација од над 90 отсто од програмата, но и други проекти кои не беа дел од мојата програма, туку од програмите на другите советнички листи. Успеавме да реализираме 13 милиони евра во капитални проекти, да ја раздолжиме Општината речиси целосно, да формираме ново претпријатие за производство на струја, да го трансформираме ПОЦ во комунално претпријатие покрај паркинг услугите и уште многу други работи. Така што првиот мандат, според мене, беше успешен, но во вториот очекувам да го достигнеме максимумот со целото искуство и знаење што го стекнав и јас и мојот тим. Во вториот мандат очекувам уште поефикасно работење.
Пари: Сметате дека со реализираните активности во изминативе четири години, животот на граѓаните во Општина Центар се одвива во подобри, поквалитетни услови?
Герасимовски: Апсолутно да, во голем дел од областите кои се под наша надлежност. На пример, сметам дека условите во градинките и училиштата се значително подобрени. Имаме реконструкции во сите градинки и училишта, нова градинка во Пролет, доградба во „Коле Неделковски“. Инфраструктурата исто така е многу подобрена — реконструирани се 23 улици за еден мандат. Понатаму, значително го подобривме животот на пензионерите — имаме три нови пензионерски домови, низа социјални услуги и финансиска поддршка за оние со ниски примања, бесплатни екскурзии и низа поволности. Возрасните се категорија за која многу се погриживме, затоа што имаме исклучително висок процент на возрасни лица во Центар. За младите вложивме многу во културата — буџетот го зголемивме тројно. Имаме низа настани и концерти, но и реална поддршка како платена пракса во Општината, поддршка за невладините организации и слично. Во спортот исто така вложивме многу — на 13 декември ќе ја отвориме новата сала „Работнички“, гордоста на Центар, капитален проект од огромно значење кој е во завршна фаза. Но, секако дека има уште многу што да се заврши, и затоа ја барам поддршката да продолжиме чесно, посветено и во вториот мандат да направиме целосна трансформација на општината.

Пари: Доколку Горан Герасимовски е нивниот избор, од каде ќе почнете, односно продолжите со средувањето на состојбите? Кои се најгорливите проблеми?
Герасимовски: Проблемот со комуналната хигиена е број еден, кој, за жал, е наметнат проблем од Градот Скопје. Но, бидејќи ние бевме подготвени со нова механизација, 120 хигиеничари и добра организација, успеавме да го одржиме Центар чист и покрај санитарната катастрофа која му се случи на градот. Во следниот мандат правиме набавка на уште повеќе механизација — две нови цистерни, пет метларки, а ќе го зајакнеме и тимот на хигиеничари. Ова ќе значи дека сме подготвени и самостојно да ја одржуваме хигиената и да не зависиме од никого, и јас ова неколку пати го барам. Од другите проблеми, секако, е паркирањето. За жал, еден од клучните проекти — монтажниот паркинг во Капиштец — не го реализиравме поради блокадата од Градот Скопје, но во следниот мандат тоа ќе се заврши, а ќе се реши и паркирањето во Дебар Маало со 300 подземни паркинг-места под новата граѓанско-административна зграда на Општината која ќе се гради на местото на старите бараки.
Пари: Одделни медиуми Ве посочија како редок пример на градоначалник кој ги мобилизира расположливите капацитети и се зафати со расчистување на сметот. Според Вас, поради што или кого на Скопје му се случи оваа комунална хаварија?
Герасимовски: Јас кажав и предмалку — жално е што му се случи ова на градот изминатите четири години поради партиските расправии. Тоа што се случи е одраз на ниска политичка култура, свесност и одговорност пред граѓаните. Во Центар работиме целосно спротивно на тоа — соработката меѓу партиите и советниците е на највисоко ниво, и верувам дека така ќе биде и следните четири години.
Пари: Вообичаено, и во ова предизборие слушнавме ветувања за бројни, па дури и неверојатни проекти. Дали таквиот настап пред гласачите е поврзан со недостиг од одговорност? Имате ли и Вие проблем со отчетноста?
Герасимовски: Токму тоа го кажав на почетокот — мислам дека главен адут ни беше искрениот пристап и програмата. Во Центар не може да ги лажете луѓето, а тоа се обидоа да го направат дел од моите противници, ветувајќи сѐ и сешто. Јас не ветувам нереални работи. Правам анализа, ги знам буџетите, ги знам можностите и ги знам проблемите. Согласно тоа, правиме реална програма. И ќе видите дека и во овој мандат ќе реализираме 100 насто од програмата, затоа што за секој проект што го ветивме имаме точно пресметан буџет, локации, одобренија и правна изводливост. Вака треба да се работи за да се одржи довербата кај граѓаните. Гледам дека мојот противкандидат, во обид да ја намали разликата, започна со големи лаги и нереални ветувања, па ветува огромни суми пари и проекти за кои воопшто нема ниту правна можност. Тоа е нечесен пристап, според мене, и така не се води политика — а најмалку тоа поминува во Центар.
Маја Анастасова
 Аналитика
 Аналитика



 
                                     
                                    




