ПОВЕЌЕ

    Оилко поседува четвртина од акциите на Макпетрол

    Време зa читање: 2 минути

    Во сопственост на Оилко се над 25 отсто од акционерскиот капитал на Макпетрол. Процентуалната промена уследила по последната трансакција во која командитното друштво купило 229 нови акции од најголемиот дистрибутер на горива.

    „Известуваме дека акционерот ОИЛКО КДА – Скопје се стекна со 229 обични акции од издавачот Макпетрол АД Скопје и во моментов поседува вкупно 28.187 обични акции, што претставува 25,08 % од вкупниот број на акции издадени од Макпетрол АД Скопје“, наведено е во известувањето објавено на Македонска берза.

    Дали оваа објава е поврзана со блок-трансакциите евидентирани во берзанската статистика, не е познато. Во четири последователни работни денови (17, 18, 19 и 22 септември) реализирани се четири блока. Притоа, извршена е купопродажба на вкупно 234 акции за кои се платени 22,3 милиони денари или 362,8 илјади евра.

    Во три трансакции акциите единечната цена за акција е 116.000 денари, а во една 116.400 денари. Всушност, тој блок (од 18 септември) е и најголем, опфаќа 100 акции во кои се вложени 11,64 милиони денари, односно 189,3 илјади евра. Најмалата количина од 20 акции е купена во петокот за 2,32 милиони денари (37,7 илјади евра). На 17 септември се заведени 38 акции и износ од 71,7 илјади евра, а вчерашниот блок е со 34 акции и промет од 64,1 илјада евра.

    И претходно, на почетокот од месецов била регистрирана блок-трансакција со 42 акции купени по 116 илјади денари, за вкупно 79,2 илјади евра.

    Инаку, последното тргување на официјалниот пазар е забележано минатиот четврток, од кога произлегува просечната цена од 116.400 денари за акција.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично