Летото има посебен шарм. Сè е некако полесно, порелаксирано и помалку задолжително. Летото го има и мирисот на вода. И, не мора под нозете да се почувствува врелиот ситен песок за задоволството да е целосно. Доволни се базен со чиста вода, сенка, ладен пијалак и добра музика. Уште кога и цените се прифатливи, полн погодок. Токму такво место има во Делчево!
Сафрон (Saffron) – Градскиот базен Делчево не претставува само можност за спас од горештините. Создаден е за уживање, за пријатно и забавно летно искуство. За сите, без исклучок. За мали, за големи и за лица со попреченост. Има пристап за луѓе во инвалидска количка, исто како и паркинг простор. Карактеристика што посетителите ја истакнуваат како особено важна од аспект на инклузивноста. Инаку, паркингот за сите е бесплатен.
Влезницата е 150 денари, а за деца до 6 години не се наплаќа. За тие пари може да се избере чадор или природна сенка. А, базени има два. Помалиот прилагоден за деца, големиот за возрасни кој е со олимписки размери. Родителите што се вратиле дома со „најсреќното дете на светот“ по ден поминат на базен, веројатно биле токму овде. Со обучени спасители и воспоставени безбедносни стандарди, ова е одлично место и за најмладите кои првпат се пред „големата“ вода, воедно каде има и школа за пливање.
Многумина се крај шанковите. Едниот е со свежителни пијалаци, коктели, кафиња, а другиот со храна – пици, бургери, врапови, скара… За цените, еве два примери: кафето е 50 денари, пицата 240. Гостите велат – одличен сооднос меѓу квалитетот и цената.
Всушност, тоа е новата содржина. Во рамките на базенот, кој вратите за првите гости ги отовори лани, работи и ресторанот. Атрактивен не само за локалните жители, туку и за туристите од соседна Бугарија. Посебно за време на викендите, кога ечи жива свирка, а гостите се журкаат до еден часот по полноќ. Од понеделник до петок, работното време е од 10 до 18 часот.
Вреди да се провери како сето тоа изгледа на самото место. Адресата е ул. „Никола Јонков Вапцаров“ – Делчево. Од Скопје до градот во познатата област Пијанец се стигнува за околу час и половина. Растојанието е некои 148 километри. Само, да не го заборавите костимот за капење.
Маја Атанасова