И покрај тоа што годинава, во однос на претходната временските услови биле полоши, остварено е поголемо ниво на капитални инвестиции, тврди премиерот Христијан Мицкоски во поткастот „Каде се парите?“ со Горан Теменугов. Тоа е неговиот одговор на забелешката дека состојбата забележана на 14 април – реализација од 10,37 проценти, не соодветствува со сето она што секојдневно се промовира дека се гради низ државата.
„Реализацијата на капиталните инвестиции мора да ја поделиме во два дела, затоа што во минатото како капитални инвестиции понекогаш се книжеа социјалните трансфери, понекогаш дотациите до јавните претпријатија, пензионерските друштва, по доспеани побарувања… Дали се тоа кредити или доспеани побарувања кон добавувачи, тоа сѐ се книжеше, што велат во Министерството, над црта. Односно во делот на капиталните инвестиции. И покрај тоа што оваа година споредено со минатата година временските услови беа попредизвикувачки, снег… ние имаме поголемо ниво на капитални инвестиции реализирано. Со тоа што капиталните инвестиции кои се финансирани од страна на јавни претпријатија и други институции, а кои се финансирани со заем, се книжат под цртата“.
Во тој контекст, Мицкоски ги појаснува термините за книжење под црта и над црта.
„Тоа се дотации по доспеани побарувања. Да речеме, Јавното претпријатие за државни патишта реализира капитална инветиција автопат. Таа капитална инвестиција се реализира со некаков кредит. Не е во можност јавното претпријатие да го иплати тој кредит. Бидејќи државата дала државна гаранција, кредитот за реализација на тој пат го исплаќа Министерството за финансии. Порано тоа се книжеше како реализирана капитална инвестиција над црта, односно во делот на капиталните инвестиции. Патот е направен, поддржан е со кредит, не успеало ЈПДП да го сервисира, Министерството тоа го сервисирало. И наместо да се книжи, како порано што правела претходната Влада, за овој пат се книжи под цртата. Тие две бројки ќе се соберат, едната е мислам со 15-16 април, некаде околу 90-на милиони евра, а другата е 85. Тогаш доаѓаме до 175 милиони или за 20 милиони евра повеќе за истиот период мината година, кога навистина, пред избори беше, се брзаа многу работи, и тогаш се исплати и оној голем аванс за Бехтел и Енка“, образложи Мицкоски.