ПОВЕЌЕ

    Парите и профитот се предодредени за банките

    Време зa читање: 5 минути

    Добивка од 387 милиони евра оствариле во текот на минатата година 68 од 93-те друштва што котираат на Македонска берза. За 10,96 проценти повисоко остварување во споредба со претходната 2023 и тогашните 348,7 милиони евра.

    Најголемите пари се кај банките, односно банкарството е убедливо најпрофитабилната дејност. Во вкупната добивка партиципира со 52,97 проценти. Или, профитот на седумте банки има поголема тежина од другите друштва, 61 на број, кои припаѓаат на девет дејности. Со удел од 47,03 отсто.

    Со загуба 2024 година ја заокружиле 18 друштва, чиј заеднички минус е 19,6 милиони евра. И покрај тоа што во 2023 имало плус уште една компанија која пријавила минус од работењето, вкупниот износ од 24,1 милион евра бил повисок.

    Пари ги анализираше податоците од официјалниот берзански преглед на финансиските резултати постигнати лани од јануари до декември. Забележливо е дека од десетте дејности во кои спаѓаат котираните друштва, кај четири има пад на вкупната добивка. Најголемото осипување е во земјоделството, од -92,43%.

    Банкарството е константно најпрофитно, но според годишниот раст е на претпоследното место меѓу дејностите. Грбот на сите го гледа фармацијата, чиј профит се поместил за 2,73 насто. Процентот можеби делува низок, но овде се работи за „Алкалоид“ и „Реплек“, со заедничка добивка од над 31 милион евра. Рекордер според зголемениот профит е трговијата со 123,62%, а следи угостителството со 69,35%.

    БАНКИ – Банкарските акции се во врвот на акционерскиот интерес, а зошто е тоа така, покажуваат резултатите. Од седумте банки со чии акции се тргува на Берзата, само кај една има пад на профитот. Станува збор за минус од 19,49% регистриран во работењето на Централна кооперативна банка, што изразено низ бројки значи пад од 886 илјади евра (2023) на 713,3 илјади евра (2024). Другите четири банки имаат зголемување на добивката која се движи во рамките од 1,94% до 2,90%. Таа рамка е тесна за Комерцијална банка и растот од 37,69%. А, не ја опфаќа ниту Стопанска банка Битола, која за една година нaправи исчекор од шест милиони евра и од загубата во 2023, влезе во плус и со добивка ја заврши 2024.

    ИНДУСТРИЈА – Со заедничкиот нето-профит од над 56 милиони евра, индустријата втора дејност по профитабилност. Промената на годишно ниво се мери со 27,47 проценти. Меѓу 35-те друштва, шест одработиле загуба. А, 12 бележат намалување на добивката. Предзнакот минус е најголем кај Фруктал Мак, од 92,29%. Бројките говорат дека профитот лани бил нешто повеќе од 25 илјади евра, а преклани 328,3 илјади евра.

    Струмички Грозд може да се пофали дека е компанија чија добивка постигнала најголем скок кај добивката. За 880,97%. Од 68 илјади евра преклани на 667 илјади евра лани.

    УСЛУГИ – Седумнаесетте компании од услужната дејност застапени на Берзата, со добивката од 39,6 милиони евра и го обезбедуваат третото место по профитабилност на оваа гранка. Без оглед на годишното осипување од 3,88 отсто.

    Всушност, само кај пет компании е воочлива позитивна промена кај добивката. По растот од 186,23% овде се издвојува Лотарија на Македонија, која 2024 година ја завршила со 180 илјади евра (63 илјади евра во 2023). А, Дебарски бањи – Цапа предводи со минусот од 91,18%, поради кој профитот од 236,5 илјади евра (2023), се спуштил до 20,8 илјади евра.

    ФАРМАЦИЈА – Во текот на минатата година, најголемата македонска фармацевтска куќа Алкалоид одработи и заработи чисти 27,4 милиони евра, при што добивката е повисока за безмалку 6,8%. Овој резултат има влијание врз промената кај заедничката добивка во оваа дејност, во која вториот сочинител е Реплек. Меѓутоа, според консолидирниот финансиски извештај, компанијата има пониска добивка за над 20%.

    ТРГОВИЈА СО НАФТЕНИ ДЕРИВАТИМакпетрол и Окта се двете компании од оваа дејност, чии акции се тргуваат на Македонска берза. Нивниот лански заеднички профит изнесува 21,5 милиони евра. Тоа е за 35,33 насто повеќе споредено со годината пред тоа. Нивните добивки се зголемени, на Макпетрол за 49,68, а на Окта за 13,43 проценти. Дека Макпетрол е најголемиот дистрибутер на горива во земјава, укажува профитабилноста, која за 2024 година е нешто под прагот на 18 милиони евра.

    Берзанскиот преглед на финансиските резултати не ги опфаќа компаниите кои во законски предвидениот рок не ги објавиле финансиските извештаи. Поради тоа деновиве од Македонска берза беа изречени јавни опомени.

    Инаку, од компаниите што котираат на Берзата, пет се долгорочно суспендирани: АрцелорМиттал (ХРМ) АД Скопје, Благој Туфанов АД Радовиш, Трудбеник АД Охрид, Тајмиште АД Кичево и Агромеханика АД Скопје.

    М.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично