Нема многу жени на раководни позиции во бизнисот. Но, таму каде што ги има, и тоа на челните позиции, финансиските резултати се повисоки. Компаниите раководени од жена почесто остваруваат добивка. Поретко – загуба. Ова се дел од наодите произлезени од анализата што ја направи Македонска берза за структурата на управните органи на котираните друштва.
Колку и да се зборува за еднакви можности, во македонскиот деловен свет конците се во машки раце. Главниот збор како извршни директори или претседатели на управни одбори го имаат само 16,7 проценти жени. Големото мнозинство од 83,3 отсто го претставуваат мажите.
Во поширокиот контекст сликата е иста. Само 26,6 проценти од сите членови на органите на управување се жени. Или, со 73,4 проценти, на високите позиции кадешто се дискутира за состојбите, се третираат проблемите, се бараат решенија и се носат одлуки – доминираат мажите.
Анализираните податоци се однесуваат на 87 котирани компании на официјалниот пазар. Во нивните раководни структури има 549 членови. Како што посочуваат од Берзата, тука не се опфатени податоците од суспендираните компании.
Состојбата е неповолна за жените, но затоа показателите за успешноста се на нивна страна. Наодите од берзанската анализа велат: во 2024 година (базирани на финансиските извештаи од третиот квартал), 88,2% од компаниите, предводени од жени на функциите директор или претседател на УО, оствариле добивка. А, само 11,8% прикажале загуба. Ова се однесува на 17 котирани компании. За споредба, од 70 компании на чело со мажи, 75,7% биле профитабилни, а 24,3% пријавиле загуба.
Овој тренд е најизразен токму во 2024 година, но и податоците од претходниот период покажуваат конзистентна предност во профитабилноста на компаниите управувани од жени. Од 2020 до 2024 година, нивното учество во добивките постојано расте.
Родовиот дисбаланс е особено изразен во три сектори. Најмала е застапеноста на жените во управните органи на осигурителниот сектор (11,11%), во фармацевтската индустрија (17,65%) и во трговијата со нафтени деривати (18,75%).
Наспроти тоа, најголем процент на извршни директорки е забележан во трговијата со 41,67. Следуваат угостителството и земјоделството. Повеќе жени на раководни позиции има и во банките и во услугите.
Што се однесува до компаниите кои се во составот на основниот берзански индекс МБИ10, во нивните раководства има 27,8% жени. И само една компанија е под женско управување.
Последно наведените податоци од анализата велат: соодносот на мажите и на жените во органите на управување на 68 котирани акционерски друштва, кои во текот на минатогодишното работење оствариле добивка е – 72,5% : 27,5%.
Од друга страна, кај 19 компании кои годината ја завршиле со загуба, тој сооднос во раководните структури е 77,8% мажи и 22,2% жени.
Македонска берза и оваа анализа ја изработила со цел да придонесе во подигнувањето на свеста за родова рамноправност во корпоративното управување. Наодите се индикатори за успешноста на жените во бизнисот. Кои, од позиција на лидер имаат внимателен пристап кон ризиците, па затоа е помала можноста да се посегне по погрешна деловна одлука.