Традиционално, по повод „Светскиот ден на штедењето – 31 октомври“, синоќа во организација на Македонската банкарска асоцијација, се случија традиционалните банкарски „Оскари“. На настанот се прогласија најдобрите банкарски службеници за 2024 година од Развојна банка на Северна Македонија. Боро Варошлија и Јасминка Еленчевска ги добија наградите.
–Развојна банка на Северна Македонија е институција која се базира на високи етички и професионални стандарди во своето работење. Да се биде успешен во банката, воопшто во банкарскиот сектор значи постојано учење, континуирано вложување, посветеност и одлични комуникациски вештини. Оваа награда е значаен успех и големо задоволство за мене, бидејќи претставува признание на мојот вложен труд за време на целото работење во банката. За успехот пред сé е потребна тимска работа, професионална етика и постојано усовршување – истакна Варошлија.
За банката ваквата награда е признание за нејзината заложба во развивање и поддршка на талентираните професионалци, како и кон постигнување на заедничките цели на тимот и организацијата. Наградата е мотивација за понатамошно усовршување и промовирање на вредностите на банката, ни посочија од Развојна банка.
-По повод Денот на штедењето, имав чест да ја добијам наградата „Најдобар банкарски службеник за 2024“. Во секоја работа треба да си посветен и самиот на себе да си поставуваш поголеми стандарди што ќе придонесат се повеќе да напредуваш во работата. Тековните работи за мене беа предизвик и го збогатија моето банкарско искуство. Сметам дека добрата соработка со моите колеги и работењето како тим го подигнуваат нивото на успешност на банката и претставува мотив, за мене лично, да продолжам да работам во таа насока и професионално да се усовршувам. Изразувам благодарност до менаџерскиот тим кој го препознал мојот придонес во работењето на банката, и се надевам дека наградата ќе биде инспирација за секој банкарски службеник да ја негува културата на финансиско усовршување – вели Еленчевска.