Со повеќе од 18 милиони евра ќе се раконструираат студентските домови. Зафатот е почнат во скопските „Кузман Јосифовски Питу“ и „Стив Наумов“, но ќе бидат опфатени и домовите во другите градови – изјави премиерот Христијан Мицкоски.
„Тие два студентски дома ќе бидат реконструирани и таму е почната реконструкцијата. Во периодот кој што следи очекуваме таа да биде завршена. Мислам дека во моментов се изведуваат електричните инсталации, но исто тоа ќе биде проектирано и во другите универзитетски центри во државата. Така што, тоа е и едно од оние ветувања кое што го ветивме за студентите и за младите“, потенцира Мицкоски.
Инаку, реконструкцијата се изведува во рамките на Проектот за енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови во државата. Парите 25 милиони евра, се обезбедени од Германската развојна банка (KfW) – 20 милиони евра и грант од пет милиони евра од Програмата на ЕУ за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан. И ги опфаќа сите домови кои се под капа на државата, што беше договорено минатата година.
Реконструкцијата на студентските домови треба да се заокружи во три фази. Во првата се работи на „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски Питу“, за што е одреден временски период од 18 месеци за промена на водоводната инсталација и отстранување на причините за појава на влага, промена на комплетната електрична инсталација и поставување на LED светилки, промена на инсталацијата за греење, комплетна промена на санитаријата, изработка на енергетски ефикасни фасади, поставување фотоволтаици за производство на електрична енергија. Неодамна и министерката за образование, Весна Јаневска, изврши увид на активностите во „Кузман“.
Во земјава има универзитетски кампуси и студентски домови во пет градови – Битола, Прилеп, Охрид, Штип и во Тетово. Во сите домови, заедно со приватните, за учебната 2024/2025 година има место за 4.303 студенти. Условите за престој во државните домови засега се многу лоши, некаде и се оценуваат и како катастрофални, но интерес за сместување има. Пред сѐ поради цената, која со децении не е променета. Месечниот износ е 6.820 денари. Државата партиципира со 50 проценти, а другата половина од 3.400 денари ја плаќаат студентите.