Комерцијална банка и официјално може да настапи со понудата за преземање на битолската Стопанска банка. Дозволата е добиена од Комисијата за хартии од вредност.
Спојувањето и можноста од тоа да произлезе сериозно окрупнување во банкарскиот сектор е интересна тема уште од лани, кога двете страни јавно објавија дека таа опција е на дневен ред за длабинска анализа и разговори. Се работи за преземање на сите 390.977 обични акции со право на глас издадени од Стопанска банка АД Битола, за кои Комерцијална банка понуди единечна цена од 3.200 денари.
„Согласно Понудата за преземање, а според Законот за преземање на акционерски друштва, преземачот утврдил најмала количина на обични акции на кои се однесува понудата за преземање која треба да биде прифатена за понудата да се смета за успешна, односно понудата ќе се смета за успешна доколку биде прифатена од акционери кои поседуваат најмалку 261.956 обични акции кои претставуваат 67% плус една акција од вкупниот број обични акции со право на глас издадени од Стопанска банка АД Битола“, се вели во информацијата од КХВ.
Во моментот, пак, кога ќе биде објавена понудата, почнува одбројувањето за нејзиното прифаќање – акционерите на битолската Стопанска банка ќе имаат рок од 28 календарски денови.