ПОВЕЌЕ

    Втор циклус од кампањата „Читаме современи македонски автори“ на Градската библиотека во Скопје

    Време зa читање: 3 минути

    Првите осум месеци од кампањата „Читаме современи македонски автори“ поминаа одлично. Можеме да се пофалиме со полни сали, задоволни читатели, задоволни автори, па дури и листа на чекање за одредени наслови. Кампањата влијаеше и на генералниот интерес за книгите од македонски писатели – вели Снежана Стојчевска директорка на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје.

    Кампањата започнува со романот „Естом“ (Или-Или, 2022) од Николина Андова Шопова како книга за месец септември, по што библиотеката последователно ќе најави уште седум наслови и исто толку автор(к)и. Циклусот ќе трае до мај 2024 година.

    Разговорот со Андова Шопова е закажан за 5 септември во Паркот на поезијата (дворот на библиотеката), а на крајот на месецот предвиден е и Клубот на читатели за делото „Естом“.

    И вториот циклус од „Читаме современи македонски автори“ ќе се одвива низ неколку фази: книга на месецот, разговор со авторот и клубот на читатели. Низ овие активности читателите одблизу се запознаваат со современите македонски писатели и нивните дела. За поголема видливост и промоција – кампањата има и интегрален дел на социјалните мрежи, со препознатлив визуелен идентитет.

    Првите осум месеци од „Читаме современи македонски автори“ поминаа одлично. Можеме да се пофалиме со полни сали, задоволни читатели, задоволни автори, па дури и листа на чекање за  одредени книги во сите наши објекти. Кампањата влијаеше и на генералниот интерес за книгите од македонски писатели. Голем удел во успешноста на проектот имаат и медиумите со нивната постојана поддршка, велат од библиотеката:

    • Современата македонска книжевност има одлични имиња и одлични дела, кои заслужуваат да бидат промовирани и читани од домашната публика. Библиотеката има должност да биде мост меѓу авторите и читателите, но и обврска да учествува во креирањето на читателскиот вкус, што не смее да биде сведен само на лесна литература, бестселери и книги со сомнителен превод и квалитет. Во овој циклус ќе се погрижиме да претставиме романи, раскази и поезија кои сметаме дека го заслужуваат вниманието на публиката – истакнува Снежана Стојчевска, директорка на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје.

    Првиот циклус од кампањата „Читаме современи македонски автори“ се одвиваше во периодот од септември 2022 до мај 2023 и имаше одличен одзив во јавноста. Библиотеката пред своите читатели и пошироката публика претстави осум автори и исто толку дела кои предизвикаа голем интерес: Жарко Кујунџиски со „Сфинга на гневот“, Билјана Црвенковска со „Девет приказни за госпоѓица Сит“, Игор Станојоски со „Диссомнии“, Ана Стојаноска со „Лебед“, Александар Русјаков со „Хотел меѓу две војни“, Јулијана Величкоска со „Годишни времиња“, Игор Анѓелков со „Двојна експозиција“ и Сања Михајловиќ Костадиновска со „(Бес)конечни модели на расказот“.

    „Читаме современи македонски автори“ е поддршка на македонските автори и нивните книги, на македонските издавачи, но и силна поддршка и промоција на македонскиот јазик.

    Кампањата е поддржана од Град Скопје и програмата „Скопје – кандидат за европска престолнина на културата 2028“.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично