Од речиси 2.000 евра до 10.000 се месечните просечни нето-плати во ТОП 10 компании по просечна плата, покажува анализата на порталот Пари направена во соработка со БизнисМрежа.мк. Во овие ТОП 10 компании се познати компaнии како „Орка холдинг“, „Авицена“, „Рош Македонија“, но тука е и ракометниот клуб „Вардар“ и „Авто испитен центар“ и компании, кои барем на прв поглед, се помалку познати во јавноста. Она што е интересно за овие компании е што тие, иако се со најголеми просечни плати, финансиски не ја поминале сјајно минатата годината. Токму првите две, во кои се и најголемите просечни плати, биле во загуба, а сите други, освен една, имале значително намалување на добивката.
Секако, упросечувањето на платите секогаш е меч со две острици – тоа може да покаже каде работниците земаат најголеми плати, но можно е тие ништо да не виделе од така големите износи, а целиот просек да биде кренат поради една плата на газдата, или на мал број луѓе околу него. Земајќи го во предвид тој фактор на ризик, еве што велат податоците за фирмите со најголемите просечни плати.
Фирма | Дејност | Просечна месечна нето-плата | Вработени |
---|---|---|---|
Партнер | Агенција за привремени вработувања | 604.660 | 15 |
РК Вардар | Спортски клуб | 537.446 | 22 |
НО-МА метал | Други метални производи | 190.281 | 57 |
Техноскоп | Опрема за водовод и централно греење | 186.990 | 23 |
Орка холдинг | Управувачки дејности | 164.799 | 28 |
Овчеполка | Одгледување на свињи | 139.985 | 36 |
Аксапта мастрес | Компјутерско програмирање | 135.402 | 59 |
Авто испитен центар | Друго образование | 130.213 | 55 |
Авицена | Трговија со хемиски производи | 116.989 | 42 |
Рош Македонија | Стручни, научни дејности | 116.351 | 17 |
Износите се изразени во денари | Извор на податоци: БизнисМрежа.Мк
За Агенцијата за привремени вработувања „Партнер“, како фирма со најголем просек на месечните нето-плати, порталот Пари веќе пишуваше. Претпријатието заработува од отстапување на вработени, најчесто за потребите на државните и јавните институции и си задржува одреден процент од секоја бруто плата. Така диктира законот… Вкупен приход на „Партнер“ лани бил 2,7 милиони евра и овој приход бил за 15,2 проценти поголем отколку во 2019 година, фирмата била во загуба, а просечната нето плата била околу 10.000 евра.
Спортскиот ракомтарен клуб Вардар лани имал 1,2 милиони евра приходи и тие биле речиси 80 проценти помали отколку во 2019 година и фирмата била во загубa, а просечната нето плата била 537.446 денари.
„НО МА метал“ од Охрид се занимава со производство на други фабрикувани метални производи, лани имала над 11 милиони евра приход кој и овозможил добивка од околу 440.000 евра, но таа била помала за 46,5 проценти во однос на 2019 година. Просечната плата во компанијата е 190.281 денар.
„Техноскоп“ од произведените цевки и опрема за водовод и централно греење лани реализирал вкупен приход од околу 5,5 милиони евра, а добивката била 909.000 евра, а овој износ е 33,8 проценти понизок од оној на добивката од 2019 година. Во оваа компанија месечниот просек на платите бил 186.990 денари.
Во „Орка холдинг“ просекот на платите бил 164.799 денари и оваа компанија лани остварила вкупен приход од околу 6 милиони евра и инкасирала добивка од 1,8 милиони евра. Оваа добивка била за дури 70,9 % помала од добивката во 2019 година.
Бизнисот со свињи на „Овчеполка“ од Велес лани и донел вкупен проход од 8,5 милиони евра и добивка од 650.000 евра што е поскромно за 25 проценти од профитирањето во 2019 година. Просечната нето-плата била 139.985 денари.
Иако важи за сектор со најголеми плати, платформата БизнисМрежа.мк „исфрли“ само една команија од светот на комјутерското планирање меѓу 10-те фирми со најголеми просечни плати. Станува збор за „Аксапта мастерс“ каде просекот на платите е идентичен со оној на „Овчеполка“ и изнесува 139.985 денари. Оваа компанија лани реализирала вкупен приход од 3,3 милиони евра од кои 660.000 евра и се добивка, и оваа е единствената фирма во ова друштво на ТОП 10 фирми со највисоки просечни плати, чија добивка се зголемила (12,6%).
Веројатно најголемо изненадување во оваа група на претпријатија е „Авто испитен центар ДООЕЛ – Скопје“. Друштвото организира и спроведува испити за возачи на моторни возила за сите категории и национални категории (АМ, А, А1, А2, Б, БЕ, Ц, ЦЕ, Ц1, Ц1Е, Д, ДЕ, Д1, Д1Е, Ф, Г, Т) на подрачјето на СВР Скопје. Тие испити на „Авто испитен центар“, лани му донеле приход од речиси 1,7 милиони евра, но добивката му била симболични 2.000 евра. Оваа добивка била за 99% помала од онаа во 2019 година, иако приходите во 2019 година биле дури и пониски од ланските – за 8,6%. Сепак, и покрај таков пад на добивката, фирмата „се држи“ и таму просечната плата била 139.985 денари, со што дури три фирми – „Овчеполка“, „Аксапта мастерс“ и “Авто испитен центар“ имале исто ниво на просечни-нето плати во 2020 година.
„Авицена“ со своите лаборатории, особено сега во пандемија, нема на кого не му е позната. Ланските приходи и биле над 8,2 милиони евра, но имале пад од 4,8 проценти во однос на 2019 година. Лани компанијата имала добивка од 1,9 милиони евра и таа била помала за 12,8% во однос на 2019 година. Во „Авицена“ просечната месечна нето плата минатата година била 116.989 денари.
Речиси со иста просечна плата како „Авицена“, била и „Рош Македонија“, но со многу помали и приходи и добивка. Приходите на „Рош“ лани биле 1,9 милиони евра, а добивката била 240.000 евра (9,3% помалку отколку во 2019 година).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира
Редакција Пари