
Енергетската карта на Медитеранот добива нова линија. Од длабоките води југозападно од Кипар, преку египетските постројки за преработка и втечнување, па сè до терминалите во Грција и гасните мрежи кон централна Европа – се оформува рута која за само неколку години треба да донесе нов извор на природен гас на европскиот пазар.
Египет, Грција и Кипар сега и политички застанаа зад проектот кој треба да го претвори Источниот Медитеран во позначајна енергетска точка за Европа. Лидерите на трите земји, на средбата одржана во египетски Ел Аламеин на 8 септември, ја потврдија намерата да се забрза поврзувањето на кипарските гасни полиња со постојната енергетска инфраструктура во Египет. Во заедничката декларација тие побараа започнатите проекти да бидат завршени што е можно побрзо, нагласувајќи го нивното значење и за регионалната и за европската енергетска сигурност.
Во центарот на планот се наоѓа гасното поле „Кронос“, откриено во 2022 година во блокот 6, во кипарските води. Станува збор за првиот кипарски проект за развој и комерцијално производство на природен гас, а зад него стојат италијанската „Ени“ и француската „ТоталЕнерџис“, со по 50 проценти учество. „Ени“ е оператор на проектот. Конечната инвестициска одлука беше донесена на 28 јули годинава, а првите количини гас треба да стигнат на пазарот во 2028 година.
„Кронос“ се наоѓа во длабоките води на околу 185 километри југозападно од кипарскиот брег. Планот предвидува експлоатација преку четири подводни бунари. Наместо Кипар да гради целосно нови и скапи постројки за преработка и втечнување, гасот преку подводен гасовод ќе се пренесува до Египет, каде што ќе ја користи веќе постојната инфраструктура поврзана со големото поле „Зохр“. Оттаму ќе биде пренесуван до постројката за втечнување во Дамиета, а потоа како LNG ќе може со танкери да се испорачува на европските пазари.
Токму користењето на постојната египетска инфраструктура е една од главните економски предности на целиот проект. На тој начин се избегнува изградба на нов, огромен LNG-комплекс на Кипар, се намалуваат капиталните трошоци и се скратува периодот потребен за гасот да стигне до пазарот.
Проектот не е мал. Според „Ени“, „Кронос“ содржи повеќе од три трилиони кубни стапки гас, а производството во фазата на полн капацитет се очекува да достигне околу 500 милиони стандардни кубни стапки дневно. Тоа одговара на приближно 2,8 милиони тони LNG годишно. „ТоталЕнерџис“ ќе пласира половина од произведените количества, односно околу 1,4 милиони тони LNG годишно.
Но, гасот од Кипар нема да завршува само на египетскиот брег. Тука во равенката влегува Грција.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ја посочи можната траса според која втечнетиот гас од Египет би пристигнувал до грчките LNG-терминали во Ревитуса и Александруполис. Таму повторно би се претворал во гас и преку постојните интерконектори и таканаречениот Вертикален коридор би можел да продолжи кон земјите од Југоисточна и Централна Европа. Вертикалниот коридор поврзува повеќе национални гасни системи и овозможува гасот што пристигнува во Грција да се движи кон север, преку Балканот, кон поширокиот европски пазар.
Тоа ѝ дава дополнителна тежина на целата приказна. Не станува збор само за нов кипарски извозен проект, туку за обид да се поврзат ресурсите на Источниот Медитеран, египетската инфраструктура за LNG и грчката позиција како влезна точка кон Европа.
Времето во кое се активира проектот е исто така важно. Европската Унија веќе влегува во завршната фаза од планот за прекин на зависноста од рускиот природен гас. Според усвоената европска рамка, долгорочните договори за увоз на руски LNG треба да бидат опфатени со забрана од 1 јануари 2027 година, додека увозот на руски гас преку гасоводи по долгорочни договори треба да престане до 30 септември 2027 година, со можност рокот во одредени околности да се помести до 1 ноември.
Оттука, планираниот почеток на производството од „Кронос“ во 2028 година доаѓа токму во период кога европските купувачи ќе мора уште повеќе да ги диверзифицираат изворите од кои се снабдуваат со гас.
За Египет, проектот е можност дополнително да ја зацврсти својата улога како регионален центар за собирање, преработка и извоз на гас. За Кипар, пак, станува збор за премин од земја која со години располага со откриени наоѓалишта кон земја која конечно треба да стане реален производител и извозник. Грција добива уште посилна позиција како енергетска порта кон Балканот и Централна Европа.
Во пошироката слика, Европската комисија веќе го посочува Источниот Медитеран како еден од регионите што можат да помогнат во диверзификацијата на европското снабдување. Кипар, Египет и Израел, со своите офшор резерви и постојната инфраструктура, се гледаат како потенцијални партнери во создавањето медитерански гасен центар.
Затоа „Кронос“ е повеќе од уште едно гасно поле во Медитеранот. Ако роковите бидат исполнети, во 2028 година може да почне да функционира нов енергетски синџир: кипарски гас, египетски постројки, грчки терминали и европски потрошувачи. Токму таа комбинација може да му даде на Источниот Медитеран многу поголема улога на европската енергетска мапа.
Аналитика








