ПОВЕЌЕ

    Какви се очекувањата на ТТК Банка за периодот што следи?

    Време зa читање: 3 минути

    Првата половина од 2021 година беше обележана со справување со т.н. трет бран на пандемијата на вирусот COVID-19, почеток на масовна имунизација на населението и постепено олабавување на рестриктивните мерки за превенција, што допринесе за попозитивни изгледи за претстојниот период. Сепак и понатаму постои степен на резерва заради ризиците поврзани со појавата на новите мутации на вирусот коишто ќе го условат понатамошниот карактер и времетраењето на кризата.

    Финансискиот резултат за период јануари – јуни 2021 година изнесува 40,6 милиони денари, што е за 32,3 % повисок во однос на истиот период минатата година. Во однос на финансискиот план за 2021 година, финансискиот резултат го надминува планираниот резултат за овој период за 23,2 %.

    Банката и понатаму внимателно ќе ги анализира тековните макроекономски параметри, ќе ги следи мерките, активностите и предвидувањата на економските авторитети и носителите на економските политики и операторите и ќе ги усогласува интерните индикатори, и ќе го приспособува нејзиното работење на пазарните услови, со фокус кон одржување на ликвидноста и долгорочната стабилност.

    Според очекувањата на ММФ, рецесијата предизвикана од пандемијата на COVID-19, ќе остави помали економски штети отколку глобалната финансиска криза во 2008 година. Сепак, економиите во развој коишто се најпогодени од оваа криза, ќе претрпат позначајни негативни последици на среден рок. Понатамошниот развој ќе зависи од патеката на здравствената криза, вклучувајќи ја и делотворноста на вакцините врз новите мутации на вирусот, од што во голем дел зависи дали ќе имаме продолжување на пандемијата.

    Банката ќе продолжи да дејствува проактивно, фокусирајќи се кон стабилно и профитабилно оперативно работење врз основа на реални и на предвидливи очекувања. Растот на кредитната активност се очекува да продолжи да се реализира преку работата со населението и со малите и средни претпријатија, паралелно со севкупното закрепнување на економската активност и на зголемената побарувачка за кредити. Притоа, Банката ќе ги презема сите неопходни активности за одржување на квалитетот на портфолиото, развој на понудата на производи и изнаоѓање флексибилни решенија приспособени на потребите на клиентите – правни и физички лица кои се најзасегнати од COVID-19 кризата. Одржувањето ниска стапка на ненаплатливи кредити како еден од поизразените трендови претставува континуирана цел и во иднина ќе се реализира преку ефикасни политики на навремено дејствување, продажба на ненаплатливите кредити и очекувања за подобра наплата како последица на очекуваната економска стабилизација.

    Креирањето одржливи и ефикасни процеси, реализацијата на планираниот обем на активности предвидени со деловната политика, понудата на нови производи приспособени на потребите на клиентите, натамошниот развој на дигитализација на процесите, надградбата на производите и услугите достапни преку дигиталните канали и потпирањето на сопствените извори на финансирање и понатаму ќе претставуваат основа на деловната стратегија на Банката за оваа 2021 година, при што и натаму депозитите од секторот население остануваат со доминантно учество во вкупните извори на средства.

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично