ПОВЕЌЕ

    Животна визија

    Време зa читање: 5 минути

    Не постои позначаен период од моментов, кога на сите ни е потребно да имаме појасна животна визија или цел во животот!

    Сигурно ова се зборува и се зборувало отсекогаш, уште од постоењето на човекот во некоја поразвиена форма на свест. Но, не така наивно го пишувам ова токму сега. Токму во овој момент, во ова време. Секако, дека сите треба да ја дефинираме нашата животна визија, инаку, ќе се случи поговорката „ако не знаеш каде одиш, тогаш сигурно ќе завршиш на друго место”. Животната цел и визија е нашиот патоказ, да знаеме каде одиме. Тоа е нешто што нè мотивира и ни го олеснува животот, нешто што ќе не води напред и ќе прави да се чувствуваме целосно, исполнето, задоволно и во линија на нашиот повисок идеал.

    Но, зошто го кажувам ова токму сега!? Што е различно сега!?

    Реалност е, ако не ја дефинирате и не ја следите вашата сопствена визија, вие ќе им дозволите на другите и на околината да ја развијат за вас и да го одредат курсот на вашиот живот.

    Денес живееме во дигитален свет. Свет на алгоритми. А тоа значи дека, сè нешто стискаме, лајкуваме, гледаме, бараме информации на Интернет и сè ни е достапно на дланка, и тоа сите (или барем повеќето) информации се бесплатни. А еден мој пријател вели, „знаеш како викаат – ако е за џабе, тоа значи дека ти си производот” (“if something is for free, you are the product”). Тоа значи дека со секој клик ние влегуваме во матрицата на некој алгоритам и веќе се прави скенирање и дефинирање на нашиот профил. Тогаш, се случува информативен вакуум и сите информации што ќе нè опкружат и ќе ни се појавуваат се со веќе предефинирана содржина. На тој начин многу лесно се влијае на креирањето на нашето мислење и ставови во животот. Не за џабе имаше толкава фама околу Cambridge Analytica и Facebook скандалот со кршење на личните права на луѓето.

    „Алгоритмите те убиваат бавно”

    Потпис на една маица што ја имам

    Мислам дека ова беше изјава на некој од Cambridge Analytica – со 40 „лајка“, знам повеќе од другарка ти, со 80 „лајка” знам повеќе од мајка ти, а со 120 веќе знам повеќе од тоа што ти се познаваш себеси”.

    Што може да направите или прашања кои може да си ги поставите, со цел да дефинирате појасна визија во животот:

    • Креирање на животна визија не е работа за „преку ноќ”! Прво треба да се сфати дека за да креирате колку толку јасна животна или професионална визија/цел мора да работите на тоа подолго време. Анализа на себе, на минатото, на околината, да се едуцирате, барате извори на информации, литература, консултации, советници итн.
    • Дали умот и срцето ви се во релација!? Ако ви е мачно во стомакот, ако постојано си зборувате со „другиот во вас”, ако не спиете мирно или воопшто не спиете, тоа значи дека го имате изгубено или сè уште го немате најдено фокусот / правецот. Мора нешто да промените.
    • Дали нешто те влече надолу?! Размисли прво дали постојат некои стари рани кои треба да се излечат или луѓе од кои треба да се отсечете, простите или ситуации кои ве држат во место. За да може да одите напред, прво мора да се решите од старите товари.
    • Какво е твоето опкружување?! Дали околината и луѓето ти помагаат да бидеш свој и да се развиваш или те гушат!? Ако едно цвеќенце ставите во неплодна почва, без сонце и вода, секако дека тоа ќе овене.
    • Дали она што го работиш те исполнува? Или, барем не ти прави тежина да станеш насабајле и да одиш на работа.
    • Што е она во кое сте добри!? Што е тоа кое најдобро го правите и работите!? За што сте пасионирани и талентирани? Тука треба да го барате излезот.
    • Што ќе донесе поголема радост и задоволство во вашиот живот!? Кои се тие работи што ќе ве направат посреќни? Дали навистина ќе ве направи среќни или тоа е само рефлексија на нечии туѓи мисли, размисли и влијанија!?
    • Дали имате стратегија како да го направите тоа!? На сите мои обуки, кога некој ќе ми каже дека прави или сака да направи некоја промена, јас велам супер, а имаш ли стратегија, чекори, техники како ќе го направиш тоа?
    • Кој е вашата поддршка!? Едно нешто што сум научил во мојот живот е дека секогаш треба да имате некој што ќе ве влече, некој што ќе ви биде поддршка, совест, мотиватор или едукатор по патот. Инаку, во спротивно многу е лесно да се откажете и да завршите на „друго место”. 

    Со успех во промените,

    Петар Лазаров

    Член на тимот
    МАКЕДОНИЈА-ЕКСПОРТ Консалтинг

    „Tip of the Week“ се авторски текстови што се објавуваат на www.pari.com.mk во соработка со www.tipoftheweek.co обработуваат теми од секојдневниот живот коишто помогат да го подобрите вашето лично и професионално работење. Како сублимат на првите 100 совети издадени се единствените прирачници за личен и професионален развој:

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично