Само девет од вкупно 62 локомотиви се во функција, повеќе од илјада товарни вагони не смеат да сообраќаат поради истечена ревизија, а акумулираните загуби надминуваат 6,75 милијарди денари, односно околу 110 милиони евра. Во финансиските извештаи со години се прикажува и спорна сметководствена вредност од речиси 119 милиони евра, за која државните ревизори утврдиле дека не постои основа да биде признаена како нематеријално средство. Ова се дел од најсериозните наоди во новиот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за Железници на Република Северна Македонија Транспорт АД – Скопје.
Ревизијата, која се однесува на финансиските извештаи и работењето за 2024 година, открива проблеми што се наталожувале со години: застарен и недоволно одржуван возен парк, растечки долгови, неусогласена сметководствена евиденција, судски спорови за стотици милиони денари и сериозни слабости во контролата на трошењето на јавните средства.
Поради утврдените неправилности, ДЗР изразил неповолно мислење и за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста на работењето со законите и прописите.
1.000 ВАГОНИ НАДВОР ОД СООБРАЌАЈ
Најдиректната последица од долгогодишните финансиски проблеми се гледа во состојбата на возниот парк. Според ревизорскиот извештај, Железници Транспорт располага со 62 локомотиви, но функционални се само девет, односно помалку од 15 проценти.
Слична е состојбата и со патничкиот превоз. Од 16 патнички гарнитури функционални се само пет, додека од 47 патнички вагони, само два се користат во редовниот сообраќај.
Особено загрижува состојбата со товарните вагони. Од вкупно 1.382 вагони, само 378 имаат важечка ревизија, односно ги исполнуваат условите за сообраќај. Кај преостанатите 1.004 вагони, или речиси 73 проценти, рокот за задолжителниот технички преглед е истечен и тие се надвор од сообраќај.
Ревизорите нагласуваат дека станува збор за возен парк кој во голем дел е постар од 40 години. Дизел-локомотивите од серијата 661 имаат просечна старост поголема од 60 години, а електричните локомотиви се во просек постари од 35 години.
Причините за ваквата состојба се недоволните инвестиции во одржување, ненавремените средни и големи поправки, недостигот од финансиски средства и ограниченото обновување на возниот парк.
Според ДЗР, ваквата состојба ги зголемува трошоците за енергенси и празните возења, а расположливите капацитети се на границата на техничко-технолошката експлоатациона моќност. Тоа ја доведува во прашање способноста за навремено, квалитетно и безбедно одвивање на железничкиот сообраќај.
ЗАГУБА ОД ДУРИ 110 МИЛИОНИ ЕВРА
Финансиските податоци ја потврдуваат тежината на состојбата. Во 2024 година Железници Транспорт оствариле загуба од 331,8 милиони денари, или околу 5,4 милиони евра. Една година претходно загубата била уште поголема – 759,4 милиони денари, односно околу 12,3 милиони евра.
На крајот од 2024 година, вкупната акумулирана загуба достигнала 6,75 милијарди денари, или приближно 110 милиони евра.
Ревизорите утврдиле дека претпријатието во континуитет бележи загуби во анализираниот единаесетгодишен период, од 2014 до 2024 година.
Најлошата година била 2023, кога големиот негативен финансиски резултат бил поврзан и со евидентираните камати по судски пресуди за земена позајмица.
Поради недостиг од акумулирана добивка и резерви, загубите од секоја година се пренесувале во наредните периоди, дополнително оптоварувајќи ја финансиската состојба.
ДЗР предупредува дека долготрајните загуби го ограничуваат развојот на претпријатието и го доведуваат во прашање неговото ефикасно и безбедно функционирање.
119 МИЛИОНИ ЕВРА ПРИКАЖАНИ КАКО ИМОТ
Еден од финансиски најзначајните наоди е начинот на кој во билансите се прикажува таканаречениот гудвил – сметководствена категорија што вообичаено произлегува при стекнување други компании.
Во финансиските извештаи на Железници Транспорт за 2024 година евидентиран е гудвил во износ од 7,32 милијарди денари, или приближно 119 милиони евра.
Оваа вредност потекнува од 2008 година, по поделбата на поранешните Македонски железници на две претпријатија.
Ревизорите утврдиле дека вредноста била сметководствено евидентирана за да се надмине нерамнотежата меѓу средствата и обврските што настанала по поделбата. Но, таквото признавање не ги исполнува барањата на меѓународните сметководствени стандарди.
Дополнително, од нејзиното првично евидентирање до крајот на 2024 година, вредноста останала непроменета, без соодветна проценка за евентуално обезвреднување.
Колку е голем проблемот покажува споредбата со вкупната актива на претпријатието. Во билансот за 2024 година таа изнесува околу 9,3 милијарди денари, што значи дека спорниот гудвил претставува речиси 79 проценти од прикажаните средства.
Неправилноста не е нова. Таа била утврдена и во ревизиите за 2010 и 2020 година. Во Акцискиот план за 2026–2027 година раководството предвидело мерки за нејзино надминување.
СУДСКИ СПОРОВИ ТЕШКИ 29 МИЛИОНИ ЕВРА И ЗАДОЛЖЕНОСТ КАЈ МЕПСО
Високиот износ на долгови и судски спорови е уште еден сериозен ризик за финансиската стабилност на претпријатието.
Според податоците разгледани од ревизорите заклучно со јуни 2026 година, Железници Транспорт се појавува како тужена страна во 31 судска постапка, чија вкупна вредност е проценета на 1,8 милијарди денари, или приближно 29 милиони евра.
Најголемиот дел од овие постапки, односно 21 предмет, се однесуваат на неплатени фактури кон домашни и странски правни лица. Нивната вкупна вредност изнесува околу 1,74 милијарди денари.
Ревизијата утврдила дека за правосилно завршени судски постапки не биле направени потребните сметководствени резервирања во износ од 260,98 милиони денари, или околу 4,2 милиони евра.
Финансиските проблеми ги принудиле Железници Транспорт да позајмуваат средства и од друго државно претпријатие – МЕПСО.
Во периодот од 2017 до 2023 година биле склучени три договори за заем, во вкупен износ од 221,5 милиони денари, со договорна годишна каматна стапка од шест проценти.
Поради неможноста за навремено враќање, роковите биле продолжувани со анекси, а МЕПСО повел и судски постапки за наплата на каматните побарувања.
Во декември 2025 година обврските биле обединети во нов договор за одложено плаќање. Вкупниот долг со каматите достигнал 238,58 милиони денари, со рок за отплата најдоцна до декември 2028 година.
ДЗР оценува дека задолжувањето со вакви каматни стапки дополнително ја влошува финансиската состојба, ги зголемува расходите и негативно влијае врз ликвидноста.
НЕМА ВОЗОВИ АМА ПЛАТИ -ИМА
Ревизијата открива сериозни неправилности и во управувањето со човечките ресурси.
Во текот на 2024 година, на железничките станици во Гостивар, Тетово, Кочани, Кичево и Штип не бил реализиран ниту патнички ниту товарен сообраќај.
И покрај тоа, на овие станици биле ангажирани 20 вработени на работни места поврзани со извршување сообраќајни услуги, меѓу кои шефови на станици, благајници и оперативни помошници.
За нивните бруто-плати во 2024 година биле исплатени 13,95 милиони денари, односно околу 227 илјади евра. Дополнително им биле исплаќани надоместоци за работа во недела, празници и за квалитет.
Ревизорите оценуваат дека е неопходно преиспитување на потребата од ваквите работни ангажмани со цел да се намалат непродуктивните трошоци.
Во истиот период, 34 вработени биле привремено распоредени на други работни места, при што за 24 лица било утврдено дека не ги исполнуваат пропишаните услови за тие позиции. Сепак, им била исплаќана платата предвидена за работното место на кое биле прераспоредени.
Дополнително, за прекувремена работа биле исплатени 4,7 милиони денари, но ревизорите не можеле да ја потврдат оправданоста и точноста на исплатите поради недостиг од поткрепувачка документација.
Претпријатието има инсталиран систем за електронско евидентирање на работното време, но тој не се користел, па присуството и работните часови се евидентирале рачно.
ПОТРОШЛЕ МИЛИОН ЛИТРИ ГОРИВО, РЕЗЕРВОАРИТЕ ГИ МЕРЕЛЕ СО ТЕГ И -КОНЕЦ
Еден од најневообичаените наоди во извештајот се однесува на контролата на горивото.
Во 2024 година Железници Транспорт евидентирале потрошувачка од 1.001.916 литри гориво, со трошок од 64,6 милиони денари.
При теренска проверка, ревизорите утврдиле дека опремата за мерење на горивото е застарена и несоодветна. Наместо со проверена мерна опрема, нивото на горивото во еден од резервоарите се мерело со импровизирана направа – тег врзан на конец.
Воедно, биле констатирани истекувања на нафта од цевките, а истеченото гориво се собирало во стари буриња и се користело за чистење резервни делови.
Поради недостигот од соодветни и верификувани мерни уреди и уредна евиденција, ревизорите не можеле да ја потврдат оправданоста на потрошените количини и прикажаните трошоци.
Неправилности биле утврдени и во користењето на службените автомобили. Во 2024 година за нив биле потрошени 22.496 литри гориво, а ревизорите откриле точење во нерегистрирани возила, како и во возило со регистарска ознака што не е во сопственост на претпријатието.
Не се водела ниту целосна евиденција за изминатите километри и потрошувачката по возило.
Проблеми постојат и во управувањето со резервните делови, материјалите и другите залихи. На крајот од 2024 година нивната сметководствена вредност изнесувала 480,7 милиони денари.
Но, ревизорите утврдиле дека залихи вредни 342,3 милиони денари, односно 71 процент од вкупните залихи, немале промени уште од 2019 година.
Ревизијата утврдила и дека пописот на средствата и обврските не бил спроведен целосно и според пропишаните правила, а одредени градежни и инфраструктурни објекти немале соодветно запишано право на сопственост во Катастарот.
ПОТРОШИЛЕ ВОДА КОЛКУ 31 ОЛИМПИСКИ БАЗЕН
Дополнителен пример за недоволна контрола на трошоците е потрошувачката на вода.
На еден водомер во текот на 2024 година биле регистрирани 77.048 кубни метри вода, за кои биле потрошени 5,33 милиони денари.
Тоа е просечна дневна потрошувачка од околу 211 кубни метри.
Ревизорите утврдиле дека оваа потрошувачка е значително повисока од очекуваната, имајќи ги предвид бројот на вработените и потребите на претпријатието.
Проблемот се провлекувал уште од 1998 година. Иако во меѓувреме биле ангажирани компании за откривање и санација на дефекти, потрошувачката останала висока.
Според извештајот, и во првите пет месеци од 2026 година на овој водомер била евидентирана просечна месечна потрошувачка од 8.733 кубни метри.
ДЗР предупредува дека можни причини се дополнителни неевидентирани потрошувачи, неоткриени дефекти или други слабости во контролата на водоводната мрежа.
Особено загрижува што голем дел од утврдените слабости не се нови.
По претходната ревизија за 2020 година биле дадени 11 препораки за подобрување на работењето. При проверката во 2023 година било утврдено дека само една препорака е целосно спроведена, две се делумно спроведени, четири биле во тек на реализација, а четири воопшто не биле спроведени.
И новата ревизија открила слабости во целокупниот систем на финансиско управување, внатрешните контроли и информатичката инфраструктура.
ДЗР утврдил дека дел од компјутерските системи и деловните апликации се застарени и функционираат без соодветна техничка поддршка, што создава ризици за безбедноста и континуитетот на работењето.
Раководството доставило забелешки на нацрт-извештајот. Дел од нив се однесувале на причините за утврдените состојби и на мерките што се преземени или се планираат. Ревизорите прифатиле една забелешка, една делумно, додека за дел од останатите не биле доставени нови докази што би ги промениле наодите.
Претпријатието донело и Акциски план за стабилизација, модернизација и реформа за периодот 2026–2027 година.
Сепак, вкупната слика што произлегува од ревизијата е дека проблемите во Железници Транспорт се структурни и долгорочни. Нефункционалниот возен парк, акумулираните загуби, спорните сметководствени вредности и слабите внатрешни контроли покажуваат дека за стабилизација на претпријатието нема да биде доволно само финансиско раздолжување.
(Фото: Jcornelius)
Аналитика








