
Одлуката на Обединетите Арапски Емирати да го напуштат ОПЕК силно одекна на глобалните енергетски пазари, отворајќи нови прашања за иднината на еден од највлијателните нафтени картели во светот. Иако ваков потег не е без преседан, моментот во кој доаѓа е особено чувствителен: во услови на геополитички тензии, нарушен извоз преку Ормутскиот теснец и растечки притисок врз земјите производители на нафта.
ОАЕ со години инвестираа во зголемување на својот производствен капацитет, но ограничувањата во рамките на ОПЕК+ сè повеќе ја намалуваа можноста земјата да го искористи тој потенцијал. Според податоците на Меѓународната агенција за енергија, Емиратите во март произведувале околу 2,37 милиони барели дневно, додека нивниот одржлив капацитет изнесува приближно 4,3 милиони барели дневно. Токму оваа разлика ја објаснува растечката фрустрација кај земјите кои сакаат поголема слобода во производството.
Аналитичарите оценуваат дека излегувањето на ОАЕ е уште еден знак дека внатрешната дисциплина во ОПЕК и ОПЕК+ станува сè потешка за одржување. Дел од членките со години се жалат дека некои земји ги надминуваат договорените квоти, додека други ги почитуваат ограничувањата и на тој начин губат пазарен простор. Претседателот на Lipow Oil Associates, Енди Липоу, предупредува дека доколку ваквото незадоволство продолжи, можно е нови напуштања што би ја ослабеле улогата на ОПЕК како картел.
Историјата покажува дека заминувањето од ОПЕК не е нов феномен. Катар го напушти картелот во 2019 година, Еквадор исто така се повлече, а Ангола го прекина членството во 2024 година. Причините најчесто беа поврзани со незадоволство од квотите, промена на националните приоритети или желба за поголема контрола врз сопственото производство.
Сега вниманието на пазарите се насочува кон земјите што би можеле да бидат следни. Казахстан се споменува како еден од најверојатните кандидати, поради честото производство над договорените нивоа. Нигерија, најголемиот производител на сурова нафта во Африка, исто така е во фокусот, особено поради развојот на рафинеријата Данготе, која ѝ овозможува поголем дел од домашната сурова нафта да го преработува во земјата и да создава повисока вредност преку продажба на горива.
Со тоа, Нигерија станува помалку зависна од глобалниот извозен пазар и од стратегијата на ОПЕК за поддршка на цените преку ограничување на понудата. Наместо тоа, земјата би можела сè повеќе да се ориентира кон максимизирање на производството и домашната преработка.
Како можен кандидат се споменува и Венецуела. Производството и извозот на оваа земја закрепнуваат побрзо од очекуваното, а извозот на нафта во март надмина еден милион барели дневно за првпат од септември. Доколку политичките околности во Каракас се променат во насока на поблиски односи со САД, земјата би можела да бара поголема флексибилност надвор од рамките на ОПЕК.
ОПЕК+ во моментов спроведува производствени ограничувања кои, според извештаите, го намалуваат производството за околу 2 милиони барели дневно до крајот на 2026 година. Дополнително, осум клучни производители, меѓу кои Саудиска Арабија и Русија, се согласија од мај постепено да вратат околу 206.000 барели дневно на пазарот, како дел од претпазливото олеснување на доброволните намалувања.
Сепак, заминувањето на ОАЕ доаѓа во период кога картелот веќе се соочува со фрагментација. Иран, Либија и Венецуела се ослободени од квоти поради санкции или конфликти, што дополнително ја усложнува координацијата. Ако дисциплината продолжи да слабее, аналитичарите предупредуваат дека пазарите на нафта би можеле да станат понестабилни, со поголеми ценовни осцилации.
И покрај тоа, дел од експертите сметаат дека ОПЕК+ сè уште има клучна улога во стабилизирањето на пазарот. Особено за време на големи кризи, како пандемијата на Ковид-19, групата покажа дека може да влијае врз понудата и да спречи уште поголеми шокови.
Излегувањето на ОАЕ затоа не значи крај на ОПЕК, но е силен сигнал дека рамнотежата во картелот станува сè покревка. Земјите со поголем производствен капацитет, нови енергетски приоритети и растечко незадоволство од квотите сè почесто ќе ја преиспитуваат цената на членството. А за глобалниот пазар на нафта, тоа значи едно: повеќе неизвесност и поголема волатилност.
Аналитика








