ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ I Мартина Блинкова Дончевска и Ники Петрески: Најдовме начин како да ѝ помогнеме на македонската индустрија целосно да се справи со CBAМ

    Време зa читање: 10 минути

    Од 2026 година, Европската Унија започнува со финансиската примена на Carbon Border Adjustment Mechanism (CBAM) – механизам со кој се воведува данок за јаглероден отпечаток за увоз на производи со високи емисии на CO₂. Се очекува оваа регулатива да има значајни последици за македонската индустрија, особено за компаниите коишто извезуваат челик, железо, алуминиум и електрична енергија на европскиот пазар. CBAM повеќе не е прашање на административно известување и поднесување квартални извештаи, како што беше случајот до крајот на 2025 година, туку станува прашање на економска конкурентност, силни договорни односи и извозна стратегија. Разговараме со Мартина Блинкова Дончевска и Ники Петрески од G-Consult ltd., кои велат дека македонските компании можат целосно да се подготват и да избегнат финансиски шокови ако навреме воспостават структуриран CBAM-систем.

    ПАРИ: Што значи CBAM за македонската индустрија?

    Мартина Блинкова Дончевска: Еколошката транзиција и декарбонизацијата се централни за европскиот Зелен договор, со цел да се постигне климатска неутралност преку намалување на јаглеродниот отпечаток, зголемување на употребата на обновлива енергија и поттикнување одржлив развој. Во тој контекст, ЕУ го воведе инструментот CBAM, кој има цел да го спречи „јаглеродното протекување“ – појава кога компании ги префрлаат своите производни капацитети во земји со помалку строги еколошки стандарди за да избегнат трошоци поврзани со емисиите на јаглерод диоксид (CO₂). Од економска и еколошка гледна точка, CBAM има амбициозна и позитивна цел: да создаде фер пазарни услови, така што производите коишто влегуваат на пазарот во ЕУ ќе имаат ист јаглероден отпечаток како и произведените внатре во Унијата. Од друга страна, тоа ќе ги поттикне земјите надвор од ЕУ да воведат строги климатски правила за намалување на емисиите. Големите индустриски компании во Европската Унија со години плаќаат за емисиите што ги создаваат преку системот EU ETS – пазарно базиран механизам за тргување со дозволи за емисии, каде што се формира реална пазарна цена на CO₂. Тоа значи дека европските производители имаат дополнителен трошок кога произведуваат челик, алуминиум или цемент.

    ЕУ порачува: „Ако сакате да извезувате во Европа, мора да покажете колку COе вграден во вашиот производ и увозот ќе има еквивалентна јаглеродна цена.

    За Македонија ова е особено важно, бидејќи нашата индустрија е силно поврзана со европскиот пазар. Голем дел од извозот се состои токму од производи што се директно опфатени со CBAM, како што се: железо и челик, алуминиум, цемент, вештачко ѓубриво, водород и електрична енергија. Тоа значи дека CBAM ќе стане нов фактор што ќе влијае врз цената и конкурентноста на македонските компании во ЕУ. Компаниите што нема навреме да се подготват може да се соочат со високи дополнителни трошоци, ценовни притисоци и посложени услови за извоз.

    ПАРИ: Како точно CBAM ќе влијае врз металната индустрија?

    Ники Петрески: Кај челикот, железото и алуминиумот, пресметката под CBAM се базира на тоа колку емисии на CO₂ се испуштени за производство на еден тон производ. Тоа значи дека се утврдува вкупната количина на емисии поврзани со конкретниот производ или производствен процес. Во пресметката се вклучуваат директните емисии, кои произлегуваат од самиот производствен процес, како и индиректните емисии што настануваат од користење електрична енергија. Важен дел од оваа пресметка се и емисиите поврзани со материјалите што се користат во производството. Според нашето досегашно искуство со македонските инсталации, токму „вградените“ емисии од суровините најчесто претставуваат најголем дел од вкупните емисии, односно од јаглеродниот отпечаток на производот.

    Со почетокот на примената на финансиската фаза на CBAM, увозникот во ЕУ ќе мора да купи CBAM-сертификати за делот од емисиите што не е покриен со т.н. „free allocation adjustment“. Ако компанијата достави реални и независно верификувани податоци за емисиите, CBAM-трошокот ќе се пресметува врз основа на тие реални вредности. Но, ако податоците не се верификувани, се применуваат вредности по дифолт, во согласност со тарифниот код на производот и неговото потекло, утврдени од Европската комисија, кои се значително повисоки. Има примери каде што реалната емисија е 0.6 tCO₂/тон, а вредноста по дифолт е 1.8 tCO₂/тон, со тоа што CBAM-трошокот може да биде трократно поголем. При цена на EUA од 80-90 €/tCO₂, тоа значи разлика од 150-180 €/тон дополнителен трошок. Ова директно влијае врз цената на извозот и конкурентноста.

    ПАРИ: Во што се состои најголемиот ризик за македонските компании?
    Најголемиот ризик е за компаниите што влегоа во 2026 година без воспоставен систем за емисии. Ние, како Г-Консалт, во изминативе 36 месеци соработувавме со голем дел од компаниите коишто извезуваат во ЕУ и воспоставивме јасен систем за пресметка на емисии.

    Ники Петрески: CBAM не дозволува „проценки“ или интерни податоци без докази. Европските увозници имаат целосна правна одговорност и ќе бараат: точни пресметки, трага на податоци и независна верификација. Ако тоа го нема, увозникот мора да користи вредности по дифолт, што автоматски го зголемува трошокот и создава ценовен притисок врз извозникот.
    Дополнително, CBAM станува договорен ризик: европските партнери веќе вградуваат CBAM-клаузули, ризик-алокација и ценовни корекции. Затоа, неподготвеноста може да резултира со губење клиенти и намалена конкурентност на европскиот пазар.

    ПАРИ: Велите дека постои решение. Во што се состои тоа?

    Мартина Блинкова Дончевска: Решението е воспоставување структуриран CBAM-систем што ги исполнува барањата на ЕУ-регулативата и создава доверба кај европските увозници.
    Прво, компанијата мора да ги идентификува CBAM-производите и CN-кодовите, бидејќи регулативата функционира по царински класификации. Второ, мора да се дефинира CBAM-опсег – кои процеси се вклучени во емисиите, кои горива, кои извори на електрична енергија. Трето, се воспоставува методологија за директни и индиректни емисии, усогласена со Регулативата (ЕУ) 2023/956 и имплементациските акти. Четврто, се подготвува план за набљудување: како компанијата ќе собира податоци месечно/квартално, како ќе ги валидира, кој е одговорен. Петто, се пресметува јаглеродниот отпечаток на производот во согласност со собраните податоци од инсталацијата и од добавувачите на суровини. На крај, процесот се заокружува со т.н. CBAM Data Pack – документација што ЕУ-увозникот може да ја користи во својата декларација.

    Ники Петрески: И најважно: независна верификација од акредитирано верификационо тело за CBAM. Без тоа, бројките остануваат неприфатливи и ризични. Кога ова е поставено, компанијата добива целосна контрола врз CBAM-ризикот и избегнува сценарио за вредности по дифолт.

    ПАРИ: Како изгледа целосна CBAM-подготовка за една индустриска компанија?

    Ники Петрески: Во пракса, процесот се одвива во неколку фази:

    1. Идентификација на производи и CN-кодови

    Прво се утврдува точно кои производи се опфатени со CBAM и под кои царински (CN) кодови се извезуваат. Ова е исклучително важно, бидејќи различни CN-кодови имаат различни референтни вредности и фактори по дифолт.

    2. Дефинирање на CBAMопсег

    Ова значи да се утврди кои производни процеси и извори на емисии се вклучуваат во пресметката. На пример: дали се вклучуваат сите производни линии во самата инсталација, кои горива се користат, како се распределува потрошената електрична енергија или, пак, дали има помошни процеси со емисии. Погрешно дефинирана граница може значително да ја промени конечната емисија по тон.

    3. Методологија за пресметка на емисии

    Компанијата мора да воспостави методологија којашто е усогласена со Регулативата (ЕУ) 2023/956 и имплементациските акти. Тоа вклучува начин на пресметка на директни емисии (горива, процесни реакции), пресметка на индиректни емисии (електрична енергија), алокација на емисиите по производ, утврдување на емисија по тон. Ова мора да биде технички објаснето и документирано.

    4. План за набљудување и систем за податоци

    CBAM бара континуирано собирање податоци. Компанијата мора да има месечни или квартални податоци за производство, податоци за потрошена енергија, податоци за суровини, јасна внатрешна одговорност за податоците. Без соодветен систем за набљудување, податоците стануваат непроверливи. Дополнително, потребно е од добавувачите да се обезбедат верифицирани извештаи за емисиите поврзани со материјалите што се набавуваат. Без кредибилни и проверливи податоци низ целиот синџир на снабдување, пресметките стануваат ризични и потенцијално неприфатливи.

    5. Пресметка на јаглеродниот отпечаток на ниво на производ

    Сите релевантни податоци собрани од самата инсталација заедно со податоците добиени од добавувачите за суровините и материјалите, се обработуваат во согласност со воспоставената методологија за пресметка. Преку пресметка се утврдува јаглеродниот отпечаток на производот по еден тон. Токму оваа вредност е клучниот фактор врз основа на кој се пресметува CBAM-трошокот што увозникот од ЕУ ќе треба да го плати.

    6. CBAMсет на податоци

    Ова е комплетен сет на документи што ЕУ-увозникот ќе ги користи за својата декларација.
    Вклучува пресметковни листови, методолошки објаснувања, емисиони фактори, изјави за усогласеност, технички анекси. Ова е сетот на документи што е потребен за проверка и усогласеност со механизмот.

    7. Независна верификација

    Ова е критичниот чекор. Податоците мора да бидат проверени од независен акредитиран верификатор конкретно за CBAM. Без валидна верификација, податоците не се сметаат за прифатливи, а европскиот увозник ќе биде должен да примени вредности по дифолт. Во пракса, тоа најчесто значи повисока пресметана емисија и значително зголемен CBAM-трошок.

    Мартина Блинкова ДончевскаПоследниот чекор, каде што ние како компанија активно се вклучуваме, е поддршката во самиот процес на верификација. Имаме воспоставено соработка со акредитирано верификационо тело во ЕУ, овластено за верификација на стакленички гасови, кое директно учествува во процесот на независна проверка на податоците. Со тоа им овозможуваме на клиентите структуриран и сигурен пристап кон финалната верификација. Дополнително, развивме и модел за прелиминарна верификација, преку кој клиентите однапред можат да ги идентификуваат потенцијалните слабости во податоците и пресметките. На тој начин тие влегуваат подготвени и без ризик во фазата кога започнува реалната финансиска обврска за плаќање на CBAM-емисиите.

    ПАРИ: Каква е состојбата со извозот на електрична енергија и дали постои начин да се намали CBAM-ризикот?

    Мартина Блинкова ДончевскаЕлектричната енергија е посебен случај во рамки на CBAM, бидејќи се третира како производ со емисии по произведен MWh. Ако струјата се произведува од термоелектрани (јаглен, мазут, гас), тогаш вградените емисии се високи и CBAM-трошокот ќе биде директен и значителен од 2026 година. Но, кај обновливата електрична енергија постои можност да се пријават нула директни емисии („0 tCO₂“). Сепак, тоа не е автоматско право, туку мора да биде докажано.

    Ники Петревски: За да се постигне тоа, потребно е:

    Сегрегација на зелените количини – oбновливата струја мора да биде јасно одвоена од системската или мешаната енергија. Не смее да има мешање со термоенергија. Мора да постојат точни податоци за тоа колку MWh се произведени во конкретен период и од која инсталација. Од друга страна, потребни се гаранции за потекло (GO). За секој 1 MWh мора да постои 1 GO, издаден, пренесен и откажан (cancellation) во корист на конкретниот купувач. Како заокружување на целиот процес е независната верификација. Верификаторот мора да потврди дека нема мешање со фосилна струја, количините се усогласени , а документацијата е точна. Само тогаш ЕУ-увозникот може легално и без ризик да пријави нула емисии на CO2.

    Ова значи дека обновливата енергија за Македонија може да биде реална конкурентска предност на ЕУ-пазарот – но само ако постои систем и верификација. Во спротивно, постои ризик да се применат конзервативни емисиони фактори, со што се губи целата предност на обновливите извори.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично