ПОВЕЌЕ

    Во Штип платите растат побрзо од бројот на вработените

    Време зa читање: 5 минути

    Најголемото градско јадро во источниот дел од државата, Штип, има повеќе од 40 илјади жители. Од нив, 13.403 се работно ангажирани во 1.826 трговски друштва поврзани со автомобилската индустрија, металопреработувачката, телекомуникациите, комуналните услуги… Секако, тука е и текстилната индустрија, која е дел од идентитетот на градот.

    Вредните луѓе минатата година создале приход од 719,8 милиони евра и добивка од 61 милион евра. Ги подобриле резултатите на компаниите за кои работат за 7, односно за близу 12 насто, додека нивната бројна состојба опаднала за нешто помалку од еден насто. Со тоа, а во однос на повеќето градски средини, Штип изгледа оптимистички. Вработеноста за една година се намалила за 93 лица (– 0,69 %).

    Подеталната слика што ја дава анализата на порталот Пари е уште понадежна – кај најголемите десет работодавачи се отворале и се пополнувале работни места. Во овој сегмент, податоците на Бизнис Мрежа покажуваат годишен раст од 9,7 насто. Истовремено, во тие компании се зголемувале и платите.

    ПРИХОДИТЕ И ДОБИВКИТЕ СО НАТФРЛЕНА НОРМА – штипската економија во милионски режим

    РЕЧИСИ СЕКОЈ ТРЕТ Е ВРАБОТЕН ВО ТОП 10-ТЕ КОМПАНИИ

    Кај најголемите десет работодавачи егзистенцијата ја обезбедуваат 3.979 лица. Практично, речиси секој трет вработен во штипската корпоративна економија е дел од овие компании.

    Со 1.458 ангажирани лица, водечки работодавач е Адиент сеатинг, американска инвестиција во ТИРЗ Штип. Фабриката (отворена под брендот Џонсон Контролс) произведува навлаки и компоненти за автомобилски седишта за европската автомобилска индустрија. Минатата година бројот на вработени е зголемен за 24 лица, приходот достигнал 29,7 милиони евра (+ 14,03 %), а добивката 1,1 милион евра (+ 41,51 %).

    Втор најголем работодавач со 544 вработени е Актива. Домашната компанија од металната индустрија и градежништвото повеќе од две децении е меѓу носителите на индустрискиот развој во Штип, а лани остварила приход од 45,3 милиони евра и добивка од 2,2 милиони евра.

    Најголемото изненадување во оваа статистика е Телекабел, каде што бројот на вработени е зголемен за повеќе од 108 насто, од 223 на 465 лица. Промената се одразила на приходот (16,2 милиони евра, + 7,72 %) и на добивката (1,6 милиони евра, + 127,73 %).

    Меѓу значајните работодавачи е и ЈП Исар со 388 вработени (+ 4,86 %). Комуналното претпријатие, кое го носи името на штипската тврдина Исар, има важна улога во функционирањето на градот, но со години наназад работи со загуба. Ланската загуба од 7,9 милиони евра е огромна во однос на приходот од 5,4 милиони (+ 5,17 %).

    Во групата компании со над 150 вработени се и Албатрос, В и Е, Кондево МК, Техникал текстајлс, Фам моде и Зен. Забележливо е дека во понудата на работни места текстилот и натаму има важна улога.

    Извор: Бизнис Мрежа

    ПЛАТИТЕ СЕ ДВИЖАТ ОД 19 ИЛЈАДИ ДО 45 ИЛЈАДИ ДЕНАРИ

    Растот на финансиските резултати на овие десет штипски компании не се одразува подеднакво кај платите. Веројатно, кај повеќето компании месечните примања се детерминирани од бројноста на колективот. Највисоки просечни плати меѓу најголемите работодавачи исплаќаат индустриските компании поврзани со автомобилскиот сектор и техничкото производство.

    Сепак, и покрај тоа што има најмногу работници, Адиент сеатинг лани ја исплаќал највисоката просечна плата од 45.291 денар. Уште повеќе, таа е зголемена за 17,29 насто.

    Вработените во германската компанија Техникал текстајлс имале месечен просек од 43.952 денари, повисок од претходниот за 7,75 насто. Инаку, ланскиот приход на компанијата е повисок за 41,55 насто (30,5 милиони евра), а добивката за 47,03 насто (6,2 милиони евра).

    Над 40 илјади денари просек има и Актива. Кондево МК, уште една странска инвестиција во ТИРЗ Штип, исплаќа просечна плата од 34.029 денари (+ 4,98 %). Италијанската фабрика за производство на софистицирани топлотни разменувачи за бојлери приходувала 39,9 милиони евра (– 2,32 %), а заработила 1,5 милиони евра (– 17,88 %).

    Традиционалните текстилни компании, кои долго време важеа за сектор со пониски примања, веќе се приближуваат до просекот од над 30 илјади денари. Штипскиот бренд кошули Албатрос исплаќа плата од 32.222 денари (+ 7,07 %). Оваа компанија има месечно производство на 80 илјади кошули што се извезуваат во 20 земји, а тоа ѝ донело приход од 3,4 милиони евра.

    Кошули и панталони се шијат и во Фам моде, а за тоа работниците лани добивале просечна плата од 31.518 денари (+ 9,05 %). Годишниот приход на компанијата е 2,3 милиони евра (+ 6,84 %).

    Претходно наведовме дека Телекабел за повеќе од 100 насто го зголемил работниот тим, но тоа директно се одразило на месечните примања. Просекот паднал за 45,75 насто, од 35.347 на 19.174 денари.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Штипјани велат дека градот никогаш не спие. Ако не работат машините во конфекциите, тогаш светат прозорците на студентските домови или фабриките во индустриската зона.

    Маја Анастасова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично