
Во билансот на локалната кочанска економија за минатата година заведен е вкупен приход од 453,4 милиони евра и добивка од 26,7 милиони евра. Тие вредности, зголемени за 4,31 и за 2,92 насто, се создадени од рацете на 8.933 лица со статус на вработени во некое од 1.138-те активни трговски друштва. И токму во тој дел динамиката е најслаба, со раст од само 0,20 насто, што дава претстава за стагнирана работна сила. Во текот на една година во Кочани имало потреба од 18 нови вработувања.
Но, ако фокусот се насочи кон десетте највлијателни компании по бројноста на вработени, тогаш перцепцијата се менува. Како и во повеќето градови низ земјава, пазарот на труд го држат најголемите деловни субјекти.
ДВА СТОЛБА НА ПАЗАРОТ НА ТРУД – АМФЕНОЛ И АНТХУРА
Во таа насока, само Амфенол Технолоџи ангажира 3.163 лица, што е повеќе од една третина од целиот анализиран сегмент. Заедно со Антхура МК, која има 801 вработен, овие две компании обезбедуваат егзистенција за 44,37 насто од кочанските работници. Останатите на листата топ 10, од комунални претпријатија до индустриски и лесни производствени капацитети, функционираат со 60 до 180 вработени.
Сепак, анализата на Пари базирана на податоците од Бизнис Мрежа покажува дека и покрај сите разлики од минимални до максимални вредности, вкупната вработеност кај десетте најголеми работодавачи бележи позитивна годишна промена од над 5 насто, од 4.527 на 4.755 лица. Разбирливо е дека растот го повлекле најсилните, во случајот пет компании. Станува збор за Антхура МК (+ 19,73 %), Алма (+ 18,57 %), Амфенол (+ 3,60 %), Генекс (+ 3,08 %) и Јумис (+ 2,47 %).
Промените го одминале само градежниот тим на Техком со константа од 87 вработени. Намалување на кадарот е регистрирано во Руен-Инокс автомобиле – за близу 10,7 насто или од 131 на 117 лица. Исто така и во КЈП Водовод (– 6,38 %), кај производителот на горна облека Данитекс (– 3,41 %) и во Печатница Европа 92 (– 2,11 %).
Извор: Бизнис Мрежа
НАЈДОБРО ПЛАЌА ЕВРОПА 92
Во посочените десет компании, минатата година за одработеното на вработените им следувала повисока плата. Дали под притисок од можноста за загуба на работната сила, дали како реално согледување, растот во опсег од шест до десет насто е забележлив кај сите големи работодавачи.
Највисоките месечни примања се заработуваат во Печатница Европа 92 со просек од 50 илјади денари. Платата е зголемена за близу 6,4 насто на годишно ниво. Можеби би било и повеќе ако фирмата не се соочила со пад и на приходот (– 33,28 %) и на добивката (– 75,47 %).
При врвот се и платите во компанијата за производство на саден материјал и цвеќе, како и во заштитното друштво за подготовка на печатење и објавување. Во Антхура МК просечната плата е 42.245 денари, а ја придружил раст од 8,68 насто. Во Генекс, пак, е безмалку 41 илјада денари со зголемување од 9,88 насто.
Средината ја држат индустриските капацитети како Амфенол, Руен-Инокс и Алма, со просечна платна рамка од 34 до 37 илјади денари. Со платата од над 31 илјада денари е и кочанскиот Водовод. Ова комунално јавно претпријатие со ланскиот приход од 4,2 милиони евра влезе во топ 10-те компании, но тоа не е доволно да се совладаат долгогодишните загуби. За 2025 година износот е 667,6 илјади евра и понизок е за 26,07 насто во однос на 2024 година. Истовремено, се соочуваат и со блокирана банкарска сметка.
Најниските примања се кај текстилните и помалите производствени компании, како Јумис (производство на мебел), Данитекс (производство на горна облека) и на градежникот Техком. Платите се меѓу 22,5 илјади и речиси 28 илјади денари. Расчекорот меѓу извозноориентираниот и трудоинтензивниот сектор е евидентен.
Извор: Бизнис Мрежа
ОРИЗОТ Е СИМБОЛ, А МИЛИОНИТЕ ВО КОЧАНИ ги носат каблите, металот и цвеќето
Легендата вели дека некогаш одамна Кочо работел во Кина и оттаму понел неколку зрна ориз со надеж дека можеби ќе се зафати и во неговиот роден крај. Затоа, местото каде што започнал да се одгледува оризот го добило името Кочани.
Статистиката, пак, на Државниот завод за статистика, за оваа земјоделска култура вели: ако во Кочани и околината во 2014 година биле посеани 1.933 хектари, лани таа површина била 964 хектари. Или, ако под ориз била површина од околу 270 фудбалски игралишта, сега е сведена на 135.
Затоа и го нема оризот во бизнис-приказната на Кочани. Оризот му го дал идентитетот на градот, но денес индустријата му ги носи парите.

Маја Анастасова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








