
Во време кога превенцијата и раната дијагностика стануваат клучен дел од современото здравство, приватните лаборатории се позиционираат како значаен сегмент во економијата.
Зголемената свест за здравјето, технолошките инвестиции и побарувачката за брзи и прецизни анализи придонесуваат за растот на секторот. Финансиските резултати за 2025 година покажуваат динамичен пазар, со јасно изразени лидери, но и со компании што се соочуваат со предизвици во одржувањето на профитабилноста.
Пари ги анализира приходите и добивките од Бизнис мрежа на водечките приватни лаборатории, чии податоци открија различни трендови во нивното работење, како и степенот на нивната конкурентност на домашниот пазар.
Во 2025 година граѓаните потрошиле 11,2 милиони евра на лабораториски анализи и медицинска дијагностика во петте водечки приватни лаборатории.
Четири од пет лаборатории имаат милионски приходи
Податоците за 2025 година покажуваат дека сите анализирани лаборатории, со исклучок на една лабораторија, оствариле раст на приходите, што упатува на стабилна експанзија на секторот.
На врвот според остварен приход е Авицена, со 4,1 милион евра, што претставува зголемување од 10,24 насто во однос на 2024 година, кога приходот изнесувал 3,7 милиони евра.
Следуваат Биотек и Синево, со по 2,6 милиони евра приход. Биотек бележи солиден раст од 13,67 насто, додека Синлаб регистрира благ пад од 1,36 насто во однос на претходната година.
Најдинамичен раст бележи Рамус, чиј приход достигнува 1,2 милиони евра, што претставува импресивен скок од 60,95 насто. Значителен напредок остварува и Генеа, со раст од 35,31 насто и приход од 693,5 илјади евра.
Овие резултати потврдуваат дека приватниот лабораториски сектор продолжува да се развива и да ја зацврстува својата позиција во здравствениот систем.
Извор: Бизнис Мрежа
Добивките се мерило за успешност
И покрај нивната клучна улога во здравствениот систем, профитот останува крајна цел и на приватните медицински лаборатории.
Кога станува збор за профитабилноста, анализата открива поизразени разлики меѓу лабораториите, што укажува на различни деловни стратегии и нивоа на ефикасност.
Најголема добивка во 2025 година оствари Биотек, со 507,3 илјади евра, што претставува раст од 22,13 насто во однос на 2024 година.
Иако Авицена убедливо води по приход, со значително поголем обем на работа, таа се позиционира на второто место според остварениот профит – 323,3 илјади евра, но со значително зголемување од 42,97 насто.
Најголем процентуален раст бележи Генеа, чија добивка достигнува 19,6 илјади евра, што претставува зголемување од над 426 насто.
Од друга страна, Синево ја завршува годината со загуба од 30,3 илјади евра, по остварената добивка од 9,9 илјади евра во 2024 година. Во негативна зона останува и Рамус, со загуба од 121,4 илјади евра, иако таа е значително намалена во однос на претходната година.
Овие резултати покажуваат дека растот на приходот не значи секогаш и раст на профитот, што ја нагласува важноста на ефикасното управување со трошоците и инвестициите.
Извор: Бизнис Мрежа
Катерина Михајлова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Аналитика








