Велат дека здравјето нема цена, но лекувањето во приватното здравство – има. Граѓаните лани оставиле 107 милиони евра во седум приватни здравствени установи. Остварениот заеднички приход е за околу 4,5 насто повисок во споредба со 2024 година и тогашните 102,4 милиони евра, покажува анализата на Пари, заснована врз податоците на Бизнис Мрежа.
Здравствените потреби на граѓаните овозможуваат проширување на овој дел од здравствениот сектор, но профитабилноста не го следи тој тренд. Вкупната добивка е значително разнишана, односно бележи пад од 21,87 насто. Три од седумте приватни болници забележале пад на добивката, а една – загуба. Како резултат на тие движења, од прекланските безмалку 9 милиони евра, минатогодишниот заеднички профит се намалил на 7 милиони евра.
Очигледно, побарувачката за приватни здравствени услуги останува висока, без оглед на реалните економски притисоци присутни и на домашниот терен и во соседството, особено во Косово, од каде што доаѓа најголемиот број странски пациенти.
ОД СЕКОИ 10 ЕВРА – ПОВЕЌЕ ОД 6 ЗАВРШУВААТ ВО СИСТИНА
Речиси две третини од сите пари во приватното здравство завршуваат во Систина, поточно 61,3 насто од вкупните приходи. Или, од секои 10 евра дадени за лекување во приватното здравство, повеќе од 6 евра завршуваат на сметката на оваа болница, која на својата веб-страница наведува дека има еден милион регистрирани пациенти.
Конкретно, ланското остварување на Клиничката болница Аџибадем Систина е 65,6 милиони евра. Зад него стои позитивна годишна промена од 2,66 насто.
Според апсолутниот износ од 22,1 милион евра, како сериозен чинител се потврдува Клиниката Жан Митрев. Интересот на пациентите во овој сегмент довел до раст од 8,41 насто. Сепак, тоа не било доволно за да се опстои на линијата на профитабилноста. Инаку, дневната статистика на оваа клиника во просек брои 12 операции, 256 прегледи, 150 тестови, 12,5 кардиоваскуларни интервенции и 160,5 ехокардиографии.
Следи Ре-Медика со раст од 3,19 насто, кој може да се смета за стабилен. Во годината во која одбележа дваесетгодишнина од основањето, првата приватна општа болница во Македонија реализирала приход од 9,4 милиони евра.
На приходната страна, меѓу овие седум ПЗУ, највисоката стапка на раст од 10,33 насто е регистрирана во битолската болница Плодност. Лани во август таму се родило 500-то бебе, а на крајот од годината во приходната ставка била евидентирана сума од 6,2 милиони евра.
Според растот, се издвојуваат уште две ПЗУ. Првата приватна болница по гинекологија и акушерство во источниот дел од земјата – Д-р Органџиски (+ 9,71 %) и Неуромедика (+ 9,37 %).

Извор: Бизнис Мрежа
НЕКОИ СО НАМАЛЕНА, НЕКОИ СО ЗГОЛЕМЕНА ДОБИВКА, А ЖАН МИТРЕВ ВО ЗАГУБА
Споредено со приходите, каде што приватните болници прикажуваат зголемување, сликата кај добивката е сосем поинаква, со големи разлики меѓу овие седум установи. Условите за работа биле најпогодни за Неуромедика, чијашто профитабилност се издигнала за 309,37 насто – на 136,3 илјади евра од 33,3 илјади евра во 2024 година.
Уште две болници оствариле напредок кај добивката. Кај Ре-Медика, растот од 24,72 насто обезбедил профит од 1,7 милиони евра. Во случајот на Специјалната болница по гинекологија, акушерство и ортопедија Санте Плус Гроуп, зголемувањето од 12,15 насто означува разлика од 200 евра. Добивката за 2024 година изнесувала 1,3 илјади, а за 2025 година – 1,5 илјади евра. Оваа здравствена установа во моментот е со блокирана сметка, затоа што се јавува како должник кон УЈП.
И преклани Клиниката Жан Митрев немаше профит што е во чекор со приходот. Сепак, тогашните над 114 илјади евра изгледаат како висока премија во однос на минатогодишната загуба од 1,8 милиони евра. Негативата, изразена во проценти, е 1.652,77 насто. Всушност, ова е уште еден пример дека зголемениот обем на работа не се преточува секогаш во профит.
Три приватни здравствени установи годината ја завршиле со намалена добивка. Меѓу нив е сопственикот на најголемата заработка од 4,5 милиони евра – Систина. Во однос на 2024 година, добивката е намалена за 29,15 насто.
Најголемиот процентуален пад од 37,52 насто е регистриран во Плодност – од 868,2 илјади (2024 година) на 542,5 илјади евра (лани). Во оваа група е и Д-р Органџиски (– 16,07 %).

Извор: Бизнис Мрежа
Приватното здравство одамна не е само алтернатива, туку прв избор – за побрза дијагноза, за сигурност, за третман без чекање. Така, кругот на пациенти се шири, а приходите растат. Во таа борба за пациенти и за освојување на што поголемо парче од пазарот, приватните болници се натпреваруваат со видот и квалитетот на понудата, воведуваат современи технологии и методи на лекување, подготвуваат месечни промотивни пакети со цени пониски од регуларните итн. Но, тоа не е секогаш доволно за да се пресретнат трошоците или инвестициите што го нагризуваат профитот.
Маја Анастасова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
ДИЈАГНОСТИКА ВО МИЛИОНИ: Авицена со бум на приходот, Биотек со најголем профит
Аналитика








