
Хрватска влегува во глобалната трка за вештачка интелигенција со проект што може драматично да ја промени нејзината економска и технолошка позиција во Европа. Американската инвестициска група Pantheon Atlas објави план за изградба на Pantheon AI, хиперскален центар за податоци со вештачка интелигенција и иновациски кампус во Топуско, инвестиција проценета на вкупно 50 милијарди евра, која веќе се оценува како најголема во хрватската историја и една од најголемите приватни американски инвестиции во Европа.
Најавата беше објавена на Самитот на Three Seas Initiative во Дубровник, каде проектот беше претставен како дел од пошироката американска стратегија за зајакнување на енергетското и дигиталното присуство во Централна и Југоисточна Европа.
Кампусот ќе се гради на површина од 310 хектари, со можност за проширување на 450 хектари, и ќе биде развиен според стандардите на NVIDIA за AI фабрики од гигаватен обем. Проектот предвидува капацитет од 1 гигават и 800 мегавати употребливо ИТ-оптоварување, со инфраструктура наменета за американски и европски хиперскалери.
Од Pantheon Atlas велат дека проектот е одговор на нагло растечката побарувачка за дигитална инфраструктура поттикната од експанзијата на вештачката интелигенција, во време кога европските дата-центри работат со помалку од осум проценти слободен капацитет, а поврзувањето со електроенергетските мрежи доцни.
Покрај дигиталната инфраструктура, проектот има и силна енергетска компонента. Предвидена е интеграција на до 5,2 гигавати обновлива енергија во хрватската мрежа, додека самиот кампус ќе се напојува преку соларна централа од 500 мегавати и батериски систем за складирање од 8.000 мегават-часови. Европскиот инвеститор за обновлива енергија Greenvolt International Power веќе потпиша писмо за намери за реализација на дел од оваа инфраструктура.
Дополнителна стратешка предност ќе обезбедуваат четири независни оптички рути преку три европски коридори и подводниот кабел GreenMed, кој до 2028 година треба да овозможи директно поврзување со Милано.
Изградбата на првата фаза, вредна 12 милијарди евра, треба да почне на почетокот на 2027 година, додека целосната оперативност е планирана за првиот квартал од 2029 година. Според инвеститорите, вкупната инвестиција ќе достигне 50 милијарди евра преку дополнителни вложувања на хиперскалните закупци во опрема и технологија.
Проектот треба да отвори 1.500 постојани работни места по завршувањето, како и дополнителни 3.000 работни места во фазата на изградба.
Управувачкиот партнер на Pantheon AI, Ryan Rich, изјави дека проектот е замислен како решение за еден од најитните предизвици во глобалната дигитална инфраструктура — обезбедување доволен капацитет за AI-операции во Европа, додека основачкиот партнер Jako Andabak оцени дека проектот ја позиционира Хрватска како нова дестинација за инфраструктура од светска класа.
Во реализацијата учествуваат и хрватските компании Končar и Dalekovod, кои ќе работат на преносната инфраструктура и трафостаницата, додека инженерската компанија Parsek Lab ќе биде ангажирана во дизајнот на дата-центарот. По објавата, акциите на Končar и Dalekovod значително пораснаа на Загрепската берза.
Проектот доаѓа во момент кога Вашингтон интензивно ги продлабочува врските со балканските земји преку големи енергетски и инфраструктурни договори. Паралелно со оваа инвестиција, САД потпишаа повеќемилијардни договори за течен природен гас во регионот, поддржаа нов гасовод меѓу Хрватска и Босна и Херцеговина и најавија соработка во цивилната нуклеарна енергија.
Во поширок контекст, проектот не се гледа само како дата-центар, туку како дел од геополитичко и технолошко позиционирање на регионот во новата AI економија — а Хрватска, барем според амбициите на инвеститорите, сака да биде во нејзиниот центар.
Аналитика








