Како се управува со средствата во македонскиот фудбал? Прашањето е секогаш актуелно, бидејќи фудбалот не е само најважната споредна работа, туку и профитабилен бизнис. Освен тоа, има и простор за игра далеку од јасно исцртаната бела линија. Таков пример деновиве ја бранува и спортската и пошироката јавност – случајот Муамед Сејдини и сомневањата за злоупотреба на службената позиција со сума од 660 илјади евра.
Колку пари влегуваат и излегуваат од касата на Фудбалската федерација на Македонија која, како што пишува на нивната веб-страница, „има привилегија, одговорност и можност да го управува фудбалот во Македонија во сите негови аспекти“? Официјалните податоци од базата на Бизнис Мрежа велат: ФФМ во последните четири години главно бележи континуиран раст на приходите, но и поизразено зголемување на расходите.
Во 2025 година, на сметката на ФФМ се слеале 24,6 милиони евра. Тоа е за речиси 4 милиони или за 17,95 насто повеќе во однос на претходната година. Истовремено, ефикасноста во трошењето резултирала со раст од 29,66 насто и во ставката вкупни расходи е запишан износ од 22,5 милиони евра. Со текот на времето, како што може да се види од анализата на Пари, просторот меѓу приходите и расходите се намалува т.е. финансиската резерва се стеснува од 4,3 милиони (2022 година) на ланските 2,1 милион евра.

Извор: Бизнис Мрежа
НАЈМНОГУ ПАРИ НОСАТ ЧЛЕНАРИНИТЕ, ПОДАРОЦИТЕ И ДОНАЦИИТЕ
Приходната табела на Федерацијата ја сочинуваат шест ставки. Најзначајна е „членарини, подароци, донации и приходи од други извори“, од каде што доаѓаат над 71 насто од приходите. Тука се лоцираат средствата од меѓународните организации како УЕФА. Тој фонд на средства лани се зголемил за 10,63 насто – од 15,8 милиони на 17,5 милиони евра.
Сопствените приходи, иако бележат силен раст од речиси 180 насто, и натаму имаат релативно мал удел од околу 12 насто. Всушност, тоа е третата ставка, со заведена сума од 2,9 милиони евра, која ја потврдува зависноста на ФФМ од надворешното финансирање.
Меѓу овие две, со придонес од над 14 насто во вкупните приливи на средства, е делот од пренесениот вишок од претходната година. Се работи за износ од 3,5 милиони евра, кој е проследен со негативна годишна промена од 9,70 насто.

Извор: Бизнис Мрежа
„ДРУГИ РАСХОДИ“ – ГОЛЕМА СТАВКА, МАЛА ТРАНСПАРЕНТНОСТ
Расходите на ФФМ се систематизирани во пет групи, секоја со повеќе трошочни елементи. Според процентуалната застапеност, најмал дел од парите (0,70 %) се одлеале како помош, донации и други давачки, а најголемиот дел од трошоците, т.е. 60,89 насто, се заведени под „други расходи“.
Воедно, тоа е и категоријата со впечатлив годишен раст од 74,89 насто. Во 2024 година биле потрошени 7,8 милиони евра, а лани 13,7 милиони евра. Во тие рамки, најголем товар носи меѓународна соработка со 10,4 милиони евра (+ 91,76 %). Најголемиот раст, пак, од 1.097,86 насто го имаат негативните курсни разлики (од 19,7 илјади на 236,5 илјади евра), а меѓу повисоките стапки е и таа за надоместоците на трошоци од 88,48 насто. Според износот, значајни се дневниците за службени патувања од 869,2 илјади евра (+ 17,08 %).
Очигледно е дека најголемиот дел од средствата наменети за трошење се сконцентрирани во пошироки и помалку детално разложени категории. Тоа е вообичаена пракса (не само на ФФМ), односно „други расходи“ како по правило е најмалку транспарентната ставка, затоа што не дава поширока слика за тоа каде точно завршуваат средствата.
Во случајот со ФФМ, материјалните расходи и услугите опаѓаат, а платите учествуваат со помалку од 5 насто во вкупните расходи. Или, тимот се зголемува, но тоа не се рефлектира драстично во обемот на трошоците. Конкретно, лани во Фудбалската федерација работеле 70 лица (а имало 58 вработени во 2024 година). Таа промена ги зголемила вкупните издатоци за плати заедно со поврзаните надоместоци за безмалку 22 насто, од 913,3 илјади на 1,1 милион евра.

Извор: Бизнис Мрежа
Сите овие податоци покажуваат дека на ФФМ не ѝ недостигаат средства. Располага со сериозен буџет и се потпира на стабилни извори на финансирање. Но, нема ВАР-систем за контрола на трошоците.
Маја Анастасова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Аналитика








